„Општина Карпош секогаш ги помагала, а и понатаму ќе ги помага талентираните спортисти и ученици”. Ова денеска го најави првиот човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, на свеченото доделување на стипендии за талентирани ученици и спортисти во просториите на основното училиште “Братство”.

На свечената манифестација, Јакимовски, во присуство на директори, ученици и родители додели вкупно 57 стипендии за талентирани ученици и спортисти од кои 29 се наменети за талентираните ученици, додека 28 се за талентирани спортисти од училиштата кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа.

Градоначалникот Јакимовски им порача на учениците активно да се занимаваат со спортот, бидејќи на тој начин ќе се изградат во вистински личности кои ќе знаат што е одговорност, дисциплина и ред.

Општинскиот татко на талентираните ученици им посака многу успех и надоградба во знаењето, посакувајќи им еден ден  да станат врвни доктори, инжинери, политичари, хемичари или академици.