Со локалните избори да има и референдум за да можат граѓаните на Штип, да се изјаснат- средствата од самопридонесот кои се собираа за изградба на браната на реката Отиња да се искористат за обновување на главните водоводни линии, најави денес штипскиот градоначалник Сашо Николов.
„За да не се случуваат хаварии на водоводната мрежа како таа од пред некој ден, ќе мора да се работи на обнова на педесет годишната водоводна мрежа која што е една од најстарите во државата. Се уште имаме азбесни водоводни цевки кои се дотраени и со одминат рок на траење, па ваквите случаеви на пукање, посебно поради промена на притисоците, побарувачката и потрошувачката на вода во различни делови од денот, прават да има и различни притисоци во самата водоводна мрежа што прави дополнителна причина да пукне нова цевка, како случајот од пред некој ден кога имаше буквално распрснување на две компактни големи водоводни цевки во должина од два метри,“ рече Николов
Тој го пофали Ј.П Исар затоа што успеало за помалку од 24 часа да санира еден ваков голем дефект.
За реакциите од ВМРО-ДПМНЕ во врска со дефектот и тоа што половина град остана без вода на овие високи температури, рече дека опозицијата пред да излезе и да критикува, да види што точно се случува на терен. Ако сакаат да бидат главни критичари на оваа локална власт, да дојдат со конкретни предлози и заеднички да најдат решение и засекогаш се отстрани овој проблем за штипјани.
„Јас имам конкретен предлог и тој предлог ќе го ставам на референдум, кој би се случил заедно со локалните избори. На тој референдум ќе побараме сите оние средства коишто се собрани за изградба на браната на реката Отиња, проект за кој се обезбедни државни пари, да се одмрзнат и да се насочат кон промена на главните водоводни линии,“ рече Николов.
Во моментов се располага со сума од околу 60 милиони денари од месниот самопридонес, а Ј.П Исар веќе има проект за такви водоводни линии. Колку и да чини целиот проект ќе се најде начин да се обезбедат средства, додаде Николов.
„Од август-септември ќе имаме и нов довод на вода од Х.С Злетовица од 363 л/с, кој што ќе прави дополнителни проблеми поради притисокот кој што ќе се создават, што следствено ќе предизвикува нови проблеми во нашиот водоводен систем,“ образложи штипскиот градоначалник Николов.