Топлото време не беше пречка, младите жители на општина Конче да ја облечат носијата, да запеат и да засвират на традиционалните музички инструменти. Тие беа дел од свечена седница на општина Конче, која што денес го одбележа својот ден, на празникот Петровден.
Минатата година поради пандемијата, не успеавме да се собереме и да прославиме. Оваа година ни е посебна чест што сме тука , што сте тука, заеднички да го прославиме денот на општината, им се обрати на присутните градоначалникот Благој Илиев.
„ Oд самите почетоци, од основањето на општината, како мала рурална општина во ридско планинска област, со мал број на население, финансиски нестабилна општина, со текот на годините, чекор по чекор успеавме да создадеме подобри услови на живот. Успеавме да ја направиме општина Конче и сите населени места во неа подобро место на живеење и граѓаните што живеат во неа да се гордеат со неа“, рече Илиев.
Пандемијата, додаде тој ни остави аманет на нас како локална самоуправа, дека не се само инфраструктурните проекти битни, туку пред се’ битни се луѓето. Ние како општина мораме повеќе да се грижиме за луѓето. Во овој пандемиски период подадовме рака на секој , не оставивме ниту една куќа да биде заборавена.
„ Општина Конче во изминатиот период иако беше пандемија беше концентрирана на инфраструктурните проекти. Успеавме секаде каде што имаше програма и можности да аплицираме, да земеме средства за да направиме нешто за нашите луѓе. Со поддршка на централната власт успеавме да аплицираме и да добиеме европски пари. Направивме спортска сала, нешто за што се чекало со години и со децении. Тука младите спортисти и ентузијасти ќе можат да тренираат, да се надградуваат и се надеваме дека од општина Конче во иднина ќе излезат многу врвни спортисти. Општината доби и градинка,“ додаде Илиев
Тој информираше дека со европски средства е реконструиран патот од браната Мантово до село Габровци. Се работи на поврзување на Горен и Долен Липовиќ. Тоа е речиси реконструкција од 10 километри локалани патишта.
„ Нема село кадешто не сме направиле по три улици, нема село каде не сме пуштиле крак со канализација или не сме ставиле еден метар бекатон,“ рече градоначалникот..
Тој информираше дека оваа недела очекуваат да им бидат уплатени првите поголеми средства од рудникот Боров Дол. Оваа инвестиција на територијата на општина Конче, значи вработување, намалување на иселувањето и она најбитното финански стабилна општина.
На денешната свечена седница беа доделени признанија и благодарници за фирми, здруженија организации и поединци за успешната соработка со општина Конче.
Средбата и дружењето во чест на празникот продолжи во дворот на црквата Свети Стефан, древен објект од 14 век. Под прекрасната дебела сенка на древниот костен во дворот на црквата гостите и жителите се дружеа , разговараа, наздравија, ја посетија црквата, запалија свеќи, се помолија за здравје за себе и своите семејства.