Градоначалникот Шилегов го потпиша договорот со Владата на РСМ и ТАВ со кој се овозможува реализацијата на проектот за мостот на улица Љубљанска во Карпош. Вредноста на договорот изнесува 382,5 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е до крајот на 2023 година.
„Непреченото функционирање на сообраќајот и намалување на метежот е еден од приоритетите на градот. Токму затоа, покрај работата на мостот „Михајло Апостолски” на бул. АСНОМ, се започнува со работа и на уште еден мост кој ќе поврзе два дела од градот. Со изградбата на овој мост ќе се поврзат улицата Љубљанска и бул. Илинден со улица Скупи во Општина Карпош“, стои во соопштението на Град Скопје.
Мостот е предвидено да има 4 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри додека должината на самиот мост изнесува 113 метри.
Договорот е потпишан во согласност со одлуката на Владата за прераспределба на средствата од концесионерот ТАВ, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип во вкупен износ од 35 милиони евра со кои почнува реализацијата на 99 инфраструктурни проекти во 75 единици на локалната самоуправа низ државата.