Пратеникот од ДОМ Мирослав Богдановски поднесе оставка како пратеник за да се врати на својата претходна функција како главен инспектор на Град Скопје. Богдановски во 2018 направи трансфер од ДИЖЗ и го засили тимот на Шилегов, а инспекторатот на град Скопје значително придонесе во борбата за чист воздух во со повеќе проекти и акции: кампањата за непалење на стрништа, кампањата 193, ефикасното казнување на загадувачи (вклучително и државни институции), а го откри и големиот скандал со несоодветен третман на медицински отпад.
Угледот на Богдановски како борец за Зелено Скопје придонесе за победата на коалицијата на СДСМ во првата изборна единица. Богдановски на неговата фејсбук страница објасни зошто решил да се врати на неговото претходно работно место во Инспекторатот на Град Скопје и да го засили тимот на Шилегов.
„Почитувани, денес ја поднесов својата оставка од функцијата пратеник во Собранието. Сакам да потенцирам дека останувам максимално посветен на заштитата на животната средина. Впрочем, затоа и се враќам на моето претходно работно место во Инспекторатот на Град Скопје и со сиот мој професионален интегритет и одлучност, да придонесам во борбата против загадувачите, урбаната мафија и да спречам уништување на зеленилото“, напиша Богдановски на Фејсбук.
Богдановски потенцира дека е човек од акција и дека како дел од Европските Зелени ќе продолжи да го спроведува Зелениот Договор на ЕУ и Зелената Агенда за Западен Балкан.
„Граѓаните бараат зелени, чесни и бескомпромисни борци што се секојдневно на терен, далеку од удобните фотелји. Зелените не се елитисти и демагози, туку луѓе од акција. Јас како дел од Европските Зелени, со тоа убедување чекорам повеќе од деценија и сметам дека многу повеќе може да се направи директно на терен отколку од говорница. Затоа сакам со својот тим од Инспекторатот на Градот Скопје и во соработка со Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, решително да придонесеме во спроведувањето на Зелениот Договор на ЕУ и Зелената Агенда за Западен Балкан“, стои во објавата.
Богдановски објасни и зошто заедно со Петровска пред еден месец беа разрешени од потпретседателските позиции во ДОМ.
„Да потсетам, јас и Ана Петровска бевме нестатутарно разрешени од потпретседателските позиции во партијата од малцинска група на елитисти во ДОМ предводени од претседателката Маја Морачанин. И покрај тоа, продолжуваме да се бориме за зелените вредности исто како и досега, во интерес на зелените активисти и граѓаните. Ќе покажеме и докажеме дека борбата на терен е нашиот својствен начин за остварување на зелените политики“, напиша Богдановски.
Богдановски е редок пример за политичар кој се откажува од „фотелја“ со поголема плата и привилегии, за да прифати позиција со која може да направи поголема промена за позелено Скопје.