37 комунални возила за собирање отпад треба да пристигнат во главниот град за потребите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Возилата се наменети за собирање и транспорт на отпад од корпите за џебен отпад, индивидуални канти од домаќинствата, како и за контејнери од 1,1 кубен метар.
Како што најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, ЈП „Комунална хигиена“ веќе има спроведено постапка за јавна набавка.
„Вредноста на петте возила изнесува 38 милиони денари со вклучен ДДВ. Ќе имаме уште 32 нови возила кои ќе ги претставиме кон крајот на месецот како што ќе пристигнуваат, и тоа 5 возила кои се наменети за контејнери од 1,1 и од 5 м3; 10 возила кои се наменети за контејнери од 5 м3; 5 возила за контејнери до 1,5 м3; 5 возила – самоподигнувачи со носивост од 7 тони; 10 цистерни за миење улици и 2 кипери со капацитет од по 16 м3. Сите овие возила ќе бидат испорачани до крајот на месецот, а вкупната вредност изнесува околу 200 милиони денари со вклучен ДДВ“, рече градоначалникот Шилегов, на денешната промоција на новите комунални возила.
Возилата се од марката Iveco и ќе се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите наменети за колективните домаќинства, како и од кантите поделени во индивидуалните домаќинства на територијата на градот Скопје.
„Новите пет специјални комунални возила-камиони се дел од големата набавка што ЈП Комунална хигиена-Скопје ја започна на почетокот на оваа година, а во чиишто рамки досега беа пуштени во употреба и десет машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини. До крајот на годинава ќе бидат набавени уште 32 нови специјални комунални возила – автоцистерни, камиони, самоподигнувачи и кипери, со што во голема мера ќе го заокружиме обновувањето на возниот парк на Претпријатието”, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Шилегов нагласи дека Градот Скопје пред околу 2,5 години започна со воведување нови стандарди во третманот на комуналниот отпад како политики што ги водат најсовремените европски градови. Набавени беа нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри и 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри. Градот набави 4 нови комунални возила за третман на овие контејнери.
Набавени беа и 950 корпи за џебен отпад што беше зголемување за една половина од дотогашните 1.750 корпи. Дополнително беа набавени и 12 електрични машини за вакуумско чистење, 10 електрични возила за чистење и миење на јавни површини и 10 возила за миење на тротоарите. Овие возила се технолошки најсовремени машини коишто се на електричен погон и не го загадуваат воздухот во нашиот град.
„Градот Скопје нема да престане со инвестирање во овој тип ресурси во јавните претпријатија, напротив, ќе ги унапредуваме процесите внатре во претпријатијата, за да го подигнеме нивото на сервис кон граѓаните. Соочени сме и со фактот дека ќе мораме да го зголемиме инспекцискиот надзор и казнената политика. Сакам да ги повикам скопјани да го чувствуваат нашиот град како заеднички дом, зашто нема човек што не сака да живее во поуреден и почист град“, додаде Шилегов.