Специјални признанија и парични награди за матурантите – првенци на генерацијата беа доделени вчеравечер, од 23 скопски средни училишта, на традиционалната манифестација „Средба на првиот со најдобрите“ која се одржа на Школка во Градскиот парк.
Целта на оваа манифестација е да го афирмира училишниот успех на првенците на генерација во средните училишта на Градот Скопје и да им оддаде јавно признание за постигнатите резултати. И оваа година е награден успехот на учениците од средните стручни училишта кои се опфатени со тригодишното образование, а признание е доделено и на ученици со попречености кои постигнале особени резултати во процесот на инклузија во образованието.
„Почестен сум што сум овде со вас, што вие не примате нас повозрасните во вашето друштво. Нема поголемо задоволство за градоначалник на еден град од тоа кога ја гледа иднината на својот град вака собрана на едно место. Годинава доделуваме 34 награди за првенците на генерацијата од 23-те скопски средни училишта. За жал, едната награда ја доделуваме постхумно, за таа трагедија сме сите известени, но тоа дете ја заслужи оваа награда која Градот со задоволство ќе ја врачи на претставниците на неговото семејство. Многумина од вас ќе станат инженери, доктори, адвокати, судии, обвинители, не знам кој од вас што ќе работи во животот, но ви порачувам што и да станете, да останете луѓе пред се. Тоа е најбитниот момент во животот на луѓето. Ние возрасните кои водиме различни институции сме овде да ги срушиме границите, вие бидете тие кои ќе ги срушите бариерите“, им порача на матурантите првенци градоначалникот Шилегов.
Манифестацијата „Средба на првиот со најдобрите“ се одржа под покровителство на градоначалникот Шилегов, а во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и со поддршка на Делегацијата на Европската унија во нашата земја. Средбата на првиот со најдобрите годинава се одржа по 14.пат. На доделувањето на признанијата на матурантите – првенци присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Дејвид Гир и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.