Заради поефикасно остварување на социјална грижа за слепите лица, нивна поголема мобилност, вклучување во општествените текови и јакнење на социјалната сигурност, денеска во просториите на Град Скопје се потпиша меморандум помеѓу Град Скопје и Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.
„Со овој меморандум Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија се обврзува да подготвува извештаи за потребите на Град Скопје за состојбите поврзани со економската и социјалната сигурност на слепите лица заради потребата од адаптација, со цел отстранувањето на пречките, обезбедувањето достапност до информациите, како и јакнење на правата на слепите лица во нашиот град“, рече Шилегов.
Овие извештаи Град Скопје ќе ги користи за унапредување на своите програмски активности коишто се однесуваат на подобрување на условите на слепите лица во Скопје.
„Во изминатиот период Градот и Националниот сојуз имавме интензивна соработка во насока на поддршка на Сојузот. Во таа насока, со Реконструкција на фискултурни сали во средните улилишта Михајло Пупин и Здравко Цветковски беа обезбедени спортски реквизити за слепи и слабовидни лица, при што во Михајло Пупин беше изградена и тактилна патека. Обезбедивме поддршка за спортски манифестации како што е традиционалниот 13. Ноемриски шаховски турнир и Goal ball натпреварот. Дополнително обезбедивме и бесплатни слободни легитимации за јавниот градски превоз за 320 корисници членови на Здружението за слепи на Град Скопје, а воедно организираме и групен превоз до излетнички места за членовите на ова здружение“, кажа Шилегов.
Градот Скопје посветено работи на унапредување на квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, при што во континуитет презема мерки што ќе овозможат непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување на овие лица во општеството. За таа цел е отворен и првиот Дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид чиешто функционирање е помогнато од Градот како институција.
Претставникот на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија изрази благодарност до Град Скопје за поддршката што ја добиваат и нагласи дека Дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид е од суштинско значење за оваа категорија граѓани, бидејќи им овозможува на нивните членови секојдневно да се обучат за најважниот сегмент за нив ориентацијата во просторот, но ќе имаат можност да стекнат и други обуки и на македонски и на албански јазик.