Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, во својата колумна објавена во „Слободен печат“, укажува дека опремувањето и модернизацијата на Противпожарната бригада се спроведува во полна пареа како никогаш досега.
„Заменета е 35 години старата аналогна телефонска централа со современа нова дигитална централа. Следниот месец ја очекуваме и новата противпожарна скала која ја набавивме со комплетна опрема. Без оглед на сите напади во јавноста, горд сум што токму пожарникарите одредија каква противпожарна скала му е потребна на Скопје. Заеднички со нив одлучивме да не штедиме на безбедноста на пожарникарите и на безбедноста на скопјани“, пишуа Шилегов во колумната.
Новата противпожарна опрема, според Шилегов, ќе биде симбол на Скопје како модерен град кој се грижи за сигурноста на своите граѓани и пожарникарите.
„Со години пожарникарите се жалеа, дури и на Денот на пожарникарите, дека немаат услови да гаснат пожари и да спасуваат граѓани на повисоките катови од зградите. И покрај ветувањата на поранешниот градоначалник дека ќе им обезбеди таква опрема, тоа не се случи. Сетете се дека пред две години имавме во Кисела Вода пожар, кога ни гореше зграда, имавме луѓе кои беа заглавени со часови, затоа што градот во моментот немаше технички услови за спасување на луѓето од пожар на повисоките катови“, стои во колумната на скопскиот градоначалник.
Со дополнителната опрема, посочува Шилегов, ќе може да се евакуираат и луѓе зафатени од пожар на повисоките катови, а ќе може да се постави и корпа носилка за повредени лица.
„Ако спасиме само еден живот на лице зафатено од пожар или превенираме повреда на еден пожарникар, ќе вредат сите пари кои ги вложуваме во модерната противпожарна опрема. Не станува збор за луксузна, туку за дополнителна опрема за многу ризични ситуации. Во дополнителната опрема имаме набавено и пумпа која извлекува илјадници литри во минута и која е потребна за „не дај боже“ ситуации како што беше поплавата во Стајковци, кога таква пумпа градот немаше“, напиша градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во колумната.