Пожарникарите отсекогаш биле и ќе останат херои на градот, а нивната хуманост останува најголема гаранција за безбедноста и заштитата на животите на скопјани, нагласи градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во кругот на Противпожарната станица во Автокоманда, каде што беше свечено одбележан Денот на пожарникарите, 20-ти мај.
Командантот на Противпожарната бригада, Владимир Симоновски, пред построените пожарникари му поднесе рапорт на градоначалникот Петре Шилегов.
-Денеска сме во Противпожарната станица со цел и во овие пандемиски услови да го одбележиме Денот на пожарникарите – 20 Мај. Како што видовте кратко траеше заради безбедносните протоколи. Јас како градоначалник вложувам многу во човечкиот, но и во преостанатиот инфраструктурен потенцијал на Противпожарната бригада и откако е дојдена новата администрација зголемен е бројот за нови 38 пожарникари. Веќе две години во рамките на Противпожарната бригада целосно се обновени и униформите и специјалните обувки. Кога зборуваме за униформа не мислам на оваа која можевте да ја видите на смотрата, зборуваме за униформа којашто во целост ги заштитува пожарникарите, која оди заедно со заштитна боца кислород, односно зборуваме за над 100 таков тип униформи, зборуваме за униформи што се носат при опасности предизвикани од шумски пожари, опасности предизвикани од хемикалии и таков тип на потенцијални несреќи; зборуваме за можеби досега технички најнапредното нешто што го има добиено оваа Противпожарна бригада воопшто, како и во рамките на Република Северна Македонија, тоа е противпожарната скала што по последните информации што ги имаме би требало да пристигне во Скопје до 10 јуни. Тогаш ќе го демонстрираме потенцијалот на таа скала, како и на дополнителната опрема што е набавена со неа, изјави Шилегов.
Тој уште еднаш ја потенцираше исклучителната важност на пожарникарите и токму поради тоа нивните плати се зголемени и редовно им се исплаќаат сите додатоци и хранарината, со цел да се надминат децениските проблеми.
Во однос на опремувањето и модернизацијата на Протипожарната бригада, градоналачникот рече дека тој процес се спроведува со полна пареа како никогаш досега. Веќе втора година се во употреба новите изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите безбедносни стандарди, а обновена е и протипожарната опрема со нови црева и арматури. Триесет и пет години старата аналогна телефонска централа е заменета со современа нова дигитална.
Со сите овие чекори Градот Скопје го зголемува капацитетот на бригадата, а истовремено се доближува и до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители.