Убаво е кога странските донатори и меѓународните претставници во државата ќе ве посочат како пример пред другите – вака вели градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова зборувајќи за зелените инвестиции во општината. Зелените инвестиции остануваат приоритет на локалната власт. Енергетски ефикасно училиште од 11.000 квадрати во првата општина со внесување на системот на улично осветлување по принципот плаќање по заштеда. Резултат на ова е заштеда од 84% во првите месеци од воведувањето.
-Нешто со што можам да се пофалам а е препознаено овде и надвор од државата е заложбата на Македонска Каменица за вложување во енергетска ефикасност и зелена планета. Тоа се приоритети кои се и пред нас и се прпеознаени од страна. Најголемата инвестиција, ја знаат граѓаните, е реконструкција на уличното осветлување, што како прва пилот општина го имплементиравме, тоа е проектот „Плаќање по заштеда“. Имавме еден систем што можеби беше уникатен во државата, што 500 – 600 светилки се палеа и гаснеа на прекинувач, што нас не’ чинеа многу. Во јануари, февруари и март, со примена на проектот, заштедите ни беа 84%, што беше и над очекувањата и веројатно вложеното ќе ни се врати порано од планираното, вели Стаменкова.
Системот на урбаното живеење го заокружуваат уште два проекти. Првиот е ноќно осветлување на кејот на Каменичка река, која во последните месеци на пандемијата, благодарение на комплатното уредување, станува главно место за прошетки и рекреација на каменичани.
-Во финална фаза е техничката документација за осветлување на кејот на Каменичка река во склоп на целокупното осветлување ни остана таа делница неосветлена. Денски кејот изгледа преубаво, меѓутоа, ноќе е неосветлен, така што и тоа е една поголема инвестиција што ќе ја реалзиираме во текот на оваа година, кажа градоначалничката.
Следно е осветлување на влезот и излезот на градот, проект преку Источно планскиот регион, кој ќе чини 2,28 милиони денари. Паралелно се доуредуваат градските површини и улиците.
-Toa се изградба на тротоари, пристапни патеки, паркинг простори, уредување на простори околу колективните згради за домување и низа други потреби, се’ она што ќе ни биде потребно на територијата на целата општина, вклучувајќи ги и селските средини, вели Стаменкова.
Македонска Каменица успеа да влезе во проектот за доделување грантови од Светска банка, која оддели 630.000 евра за улици.
-Со исклучитени напори на општината успеавме да влеземе во програмата „Македонија без кал“ и во рамки на овој проект Светска банка и’ додели грант на Македонска Каменица од 630.000 евра, со што влеговме во вториот циклус и е распишан повик за улица „Церска“ на патот кон Цера кон туристичкиот комплекс Еленец, и пат кој води кон Калата, тоа е во Мало Албанци, село Тодоровци и за среќа добри напори влеговме во вториот циклус преку кој се бара изведувач, кажа Стаменкова.
Во руралните средини се работи на неколку проекти. Воводот во Моштица во Павлиш Дол се гради со средства од општинскиот буџет и решава проблем на околу 140 семејства во густо населен дел.
-Во поодмината фаза е изградба на водоводот во село Моштица, кој што ќе служи за задоволување на потребите долж трасата, која што е околу 2.400 метри, некаде околу 140 семејства ќе добијат чиста вода за пиење. Ќе се реши еден децениски проблем. Инвестицијата е вредна десет милиони денари, пари од буџетот на Општината. Придобивката е и тоа што жителите нема да добиваат вода по азбестни цевки, изјави Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.
Каменица се уредува, но и се решаваат и долгогодишни инфраструктурни проблеми во функција на подобар живот на граѓаните.