Еден од мноштвото проекти кои ги предвиде Општина Карпош е реконструкција на старите и дотраени или поставување на нови лифтови во висококатниците на нејзина територија. Тоа се однесуваше на сите заедници на станари кои требаше да исполнат неколку услови и кои ќе донесат комплетна документација до локалната самоуправа.
Досега, речиси во изминатите две години поднесени се вкупно 50 барања за реконструкција на лифтови во згради, од кои 19 се со непотполна документација, односно истата треба да ја дополнат. Од вкупниот број 24 барања веќе од страна на Советот на Општина Карпош им се одобрени финансиски средства и е потребно тие да достават сертификат врз основа на кои Општината ќе им ги исплати средствата од нејзиниот буџет. Останатите 7 барања се со комплетно доставена документација, и четири од нив се веќе исплатени а три се во постапка на исплата.
Што се однесува до другите услови кои треба да ги исполнат станарите, жители во Карпош, кои сакаат да аплицираат за ваква поддршка од локалната власт, би напоменале дека тие треба да достават одлука за давање согласност (најмалку 50+1 станар) со валидни потписи. Тие треба да соберат три понуди и одлука со која ја избираат најповолната за нив, исто така верификувана со истиот број на потписи. Од централниот регистар треба да донесат доказ, дека заедницата на станари е регистрирана како правно лице и конечно со барање до архивата на Општината и со комплетната документација да аплицираат за овие средства.
Битен момент во документацијата е дека за да дојде до исплата на средствата кои претходно им ги одобрил Советот на Општина Карпош, да се содржи и Сертификат за техничка исправност на лифтот издаден од овластена институција.
Инаку со одлука на Советот на локалната самоуправа досега се одобрени и исплатени или во фаза на исплата вкупно 3.826.092,25 денари.