Се расчистува нова голма депонија во Драчево во соработка со Градот Скопје и општина Кисела Вода.
Градот Скопје во соработка и со други општини спорведуваше акции за расчистување на депониите кои претставуваат повеќедецениски проблем за животната средина. Конкретно за депонијата која ќе биде расчистена во Драќево, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави засилен инспекциски надзор со цел да бидат казнети создавачите на ваквите диви депонии.
„Во општината Кисела Вода, во населеното место Драчево, преку јавните претпријатија на Град Скопје денеска започнуваме со расчистување на една огромна дива депонија создавана во изминатиот период, а која негативно влијае врз животната средина. Спроведуваме континуирана акција во Скопје, во изминатиов период расчистивме повеќедецениски депонии, како депонијата во Мичурин и депонијата во Визбегово, и секаде каде што просторните услови ни дозволуваа, наместо депонии сега на тие места имаме паркови во кои уживаат граѓаните. За десетина дена овде ќе бидеме целосно готови, овој простор ќе биде израмнет и ќе настапи системот кој што го воведовме во соработка со општините, а тоа е системот на засилен инспекциски надзор со цел радикално да ги казниме создавачите на вакви депонии и да не дозволиме животната средина да биде загрозена“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој испрати апел до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не создаваат диви депонии, зашто, како што рече, кон Скопје треба да се однесуваме како да е наш дом.
„Грижата за животната средина треба да е повеќестрана – од нас како институции од една страна преку чистење и засилен инспекциски надзор, но и од страна на граѓаните кои можат да придонесат за зачувување на животната средина“, нагласи скопскиот градоначалник Шилегов.
ЈП Комунална хигиена-Скопје во координација со општина Кисела Вода и ЈП „Улици и патишта“ ќе се вклучи во расчистување на депонијата.
„Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје и во текот на претстојните денови ќе продолжат да ја расчистуваат оваа локација каде што преку несовесно одлагање отпад е создадена огромна дива депонија што претставува директна закана за здравјето на жителите на оваа населба“, информираат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
„ЈП Комунална хигиена-Скопје секоја година отстранува сè поголемо количество неправилно одложен отпад на територијата на градот Скопје, што резултира со создавање диви депонии и загадување на нашата животна околина. Во овој период кога се соочуваме со пандемија на еден смртоносен вирус, ќе ги преземеме сите потребни активности и ќе ги вложиме сите напори за максимално да го заштитиме јавното здравје”, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.