На денешната 55-та седница, членовите на Советот на општина Струмица донесоа повеќе предлог решенија, програми и одлуки од повеќе области. Советниците го усвоија предлог – решението за верифицирање мандат на член на Советот, со кое на местото на Никола Пандев, нов член од коалицијата „За подобра Македонија“ е Весна Пешевска.
На дневен ред беа и разрешувањата и именувањата на членовите на училишните одбори на средните општински училишта, како и на управниот одбор на градинката „Детска радост“ бидејќи мандатот на претходните членови е истечен, односно на тројца од вкупно 12 колку што ги има во училишните одбори. На дневен ред беа и 14 точки од урбанизмот, односно, легализација на бесправно изградени објекти и со донесување на овие одлуки граѓаните кои се опфатени со нив ќе можат да продолжат со постапката пред надлежниот орган за легализација на своите бесправно изградени објекти. Овие точки на дневен ред беа на 50-та седница на која советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Социјалистичката партија не гласаа за и во повеќе наврати ја напуштија седницата, но денеска ги изгласавме едногласно сите заостанати точки, откако предлагачот ги повлече од 50-та седница и ги стави на дневен ред на 55-та седница на која истите се усвоени.
Исто така беше усвоена дополнителната точка на дневниот ред за доделување на првична помош во висина од 50 илјади денари на Рајна Темкова од селото Костурино за санирање на опожарената куќа од пред еден месец, изјави по завршувањето на седницата Јосиф Христов претседател на Советот на општина Струмица.