Двете штипски јавни претпријатија добиваат нови директори. Со ЈП Стипион отсега ќе раководи Трајче Коштанов, а на раководното место во ЈП Исар доаѓа Здравко Коцев.
Промената доаѓа откако помина периодот на тримесечна адаптација кој градоначалникот го најави на почетокот на својот мандат.
-Конкретно двајцата директори на претпријатијата се чесни луѓе, кои се адаптираа и прифатија интензивно, жестоко темпо на работа со кое направивме нагорна линија со која се виде резултатот од функционирањето на овие две институции во изминатиот период. Меѓутоа стигнавме до период каде што добивме некоја права, рамна линија и не продолжи растот на претпријатијата и затоа решив да ги разрешам директорите од овие позиции, рече Николов.
Двајцата директори на претпријатијата, Сашо Протoгеров и Живко Тасев ќе се вратат на соодветните позиции во комуналните претпријатија и како што најави градоначалникот Николов, ќе им биде понудено да бидат негови советници во кабинетот.
-Целта на оваа рокада, или проширување и зајакнување на тимот, е затоа штоОпштина Штип во периодот кој ќе следи ќе биде во градежна офанзива и ќе се гради на повеќе места. Тимот на раководните позиции, како што се директори, раководители, менаџери и советници на градоначалникот треба да се продолжи за да може сите заедно да ја подобриме ситуацијата во општината. Од овој петок, кога се одржуваат состаноци со комуналните претпријатија, составот на луѓе кои ќе бидат на состанок ќе се прошири – досега беше градоначалникот со директорот, а отсега ќе биде градоначалникот, директорите и двајцата советници и заедно ќе ја правиме агендата за работната недела на претпријатијата, рече Николов.