Синоќа, во големата сала на Домот на АРМ, беше промовирана книгата афоризми „Влакно во јајцето“ на Ацо Ѓоргиев, која излезе од печат во издание на ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Од името на издавачот, свое обраќање имаше директорката на струмичката библиотека, Тања Гошева, промотивна реч за книгата одржа д-р Ана Витанова Рингачева, а афоризми од книгата читаа Сузана Мицева, Мариета Дукиќ, Ице Беличев и Зоре Ѓоргиева. „Влакно во јајцето“ е втора книга на роднокрајниот афористичар Ацо Ѓоргиев, по неговата дебитантска книга „Каменче во чевелот“ од 2013 година.
Издавањето на „Влакно во јајцето“ финансиски го помогна Општина Струмица, а на синоќешната промоција, покрај другите, присуствуваа и в.д. градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, со дел од членовите на Советот.