Екипите на Град Скопје заедно со инспекциските служби денеска повторно спроведоа акција и повторно беше спречено ново формирање на дива населба под Железничката станица.
„Со механизација се отстранија импровизираните картонски куќи на паркиралиштето под Железничка, а со тоа се спречи и потенцијалното палење на огнови на отворено што често доаѓаат од таму во овој период од годината“ информираат од Град Скопје и
апелираат и ги повикуваат граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193.
На истата локација минатиот месец Град Скопје веќе имаше спроведено заедничка акција во која учествуваа екипи на Инспекторатот на град Скопје, Центарот за социјални работи на град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ЈП „Улици и патишта“ за отстранување на новонастанатата дивата населба и сметиштето под Железничката станица.