На следната, шеесет и четврта седница, Советот на Град Скопје, меѓу другите точки, ќе гласа за усвојување на извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за периодот 01.01 – 31.12.2020 година.
„Според извештајот, во 2020 година, остварените вкупни приходи од 6.044.759.756,00 денари се поклопуваат во 76,7% со планираните. Додека расходите од 5.902.865.372,00 денари соодетствуваат 74,9% на планираните расходи. Споредено со претходната 2019 година, остварувањето на приходите во вкупниот буџет на Град Скопје во 2020 бележи намалување од 10.6% додека пак извршувањето на расходите, следејќи ја динамиката на реализација на планираните проекти, бележи зголемување од 10.4%. Вишокот на приходи од претходната година од 936.624.244,00 денари е потрошен претежно за основниот буџет (917.394.067,00 денари), самофинансирачки активности (4.499.206,00 денари) и за донации (14.930.971,00 денари)“, информираат од Град Скопје.
На оваа седница ќе се гласа и за стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2015. Стратегијата е во континуитет на претходно сработеното, и соодветните стратегии – првата имплементирана во 2013-2017 година.
„Станува збор за стратешки документ кој ќе се донесе со цел унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во градот, кој треба да биде лидер и пример за општините во промоција и унапредување на родовата рамноправност“, информираат од Град Скопје.
Точка на дневниот ред на овој совет е и предлог – листата за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади, мостови, и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје. Станува збор за листа од 570 нови и стари имиња на жени, мажи, места, поими кои може да бидат искористени за назначување на инфраструктурни објекти на територијата на градот Скопје. Надополнувањето на базата од која што може да се одбира за назначување на улици, плоштади, мостови и др. е важно, пред се, заради сеопфатноста на процесот, во кој што беа вклучени и граѓаните преку анкета во 2018 година, и заради опфаќање на имиња кои се значајни за Скопје а не биле во таа листа или биле избришани во предходни постапки. Гласањето од страна на Советот на Град Скопје е уште еден чекор во целокупната процедура, а оваа листа понатаму треба да биде изгласана и од страна на Владата.