На иницијатива на градоначалникот на Штип, Сашко Николов, претставници на бизнис заедницата одржаа средба на која се разговараше за улогата на локалното стопанство во економскиот и социјалниот живот на градот и општината.
Според градоначалникот, само со меѓусебна доверба меѓу општината и приватниот сектор, е можно унапредување на условите за живеење во градот.
-Направивме средба со мал дел од бизнис секторот, во согласност со ковид-19 протоколите. Собравме 15-тина најголеми компании во општината со цел да направиме едно советодавно тело за економски и бизнис прашања кое ќе се среќава еднаш во месецот. На тие состаноци ќе дискутираме за идеите кои ги има бизнис секторот спрема општината и граѓаните и начинот на кој општината може да му излезе во пресрет на бизнис секторот. Оваа средба ја фокусиравме на запознавање на идеите кои ги имаат од бизнис секторот и мојата визија за тоа каде треба да биде општината во наредните десетина години. Тоа значи дека визијата на ширењето, градењето и визијата за инвестирање тргнува токму од нашиот бизнис сектор, а ние како општина ќе бидеме наклонети на го потпомагаме бидејќи сите овие луѓе даваат плати и хранат фамилии во нашата општина, рече градоначалникот Николов.
Ова советодавно тело нема да има одредена група членови, туку, како што рече градоначалникот, постојано ќе се надополнува членството.
Меѓудругото, главна цел која ја спомна градоначалникот по оваа средба, е индустриска зона за македонски компании кои директно своите финансии ќе ги вложуваат повторно во општината.
Компаниите ќе вработуваат граѓани и ќе нудат соодветна добра плата и услови, а општината ќе им излезе во пресрет за инфраструктурните потреби.
-Состанокот што го имавме денеска беше како општината ќе може да им излезе во пресрет на овие компании, зборуваме од градежни, комунални инспектори, урбанизам, правен сектор, јавните комунални претпријатија Исар и Стипион – како овие тела и делови од општината ќе се стават во функција на сите бизнис сектори во општината, рече Николов.
Локацијата за индустриската засега не е договорена бидејќи општината се уште чека да се донесе генералниот урбанистички план.