Соработката меѓу општина Штип и приватниот сектор напредува во изградба на спортско рекреативниот центар Брегалница. Општината во изминатиот период постави водоводни и канализациони линии, а моментално се работи на финализирање на изградбата на улиците за пристап до аква паркот и молот. Увид во градежните работи извршија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и заменик градоначалникот на Штип, Јане Миланов.
„Станува збор за уредување на пристапни улици и тротоари во вкупна должина од 490 метри, инвестицијата е од буџетот на општина Штип во износ од 3.2 милиони денари. Ова е пример како треба да се работи секогаш кога економскиот интерес на приватните инвеститори ќе се сретне со она што значи општ јавен интерес на сите граѓани“, рече заменик градоначалникот Миланов.
Министерот за транспорт и врски Бочварски, упати поддршка за ваквите иницијативи со кои се дава шанса за развој на економијата и на бизнис секторот а се овозможуваат подобри услови за живот на граѓаните