Околу 420 ученици од централното основно училиште „Страшо Пинџур“ и останатите девет подрачни училишта ќе можат редовно со физички присуство да ја следат наставата, реши Советот на Општината Карбинци на својата вчерашна седница.
Во одлуката на Советот стои дека сите училишта ги исполнуваат условите од пропишаниот Протокол и Планот за одржување на настава во основните и средните училишта.
Сепак, според градоначалникот Јордан Насев, останува и опцијата за комбинирана настава за само четири ученици, за кои родителите бараат настава на далечина.
-Ги имаме условите и за тие ученици ќе биде овозможена онлајн настава, изјави градоначалникот Насев.
Настава со физичко присуство подразбира и решавање на прашањето за транспорт на учениците, кои секојдневно патуваат од Подплачовичките села до централното училиште во Карбинци. За таа цел, завршува и јавната набавка, со која се обезбедува превоз за околу 30-тина ученици.