Од 9 до 31 јули треба да се одржи 35. Штипско културно лето. Јубилејната манифестација годинава ќе се организира во вонредни околности поради пандемијата на коронавирусот.
Организатор и покровител на Летото е Општина Штип, а годинава целата програма, која ќе биде редуцирана поради состојбата, ќе се одржи во штипскиот Дом на млади, каде што има голема летна сцена и простор на отворено за посетители, но нивниот број ќе биде редуциран.
Организаторите велат дека ќе се почитуваат сите мерки и протоколи, на настаните посетителите треба да носат заштитни маски, а еден од друг ќе бидат оддалечни по најмалку четири метри. Ако има промена на протоколите од страна на надлежните органи, ќе има приспособување и од страна на организаторот.
До крајот на Летото планирани се 13 културни содржини – изложби, промоции, концерти, театарска претстава, филм, балет… Бидејќи бројот на публиката ќе биде ограничен, настаните ќе може да се следат и на интернет.