По цели дваесет години жителите на светиниколската населба „Шутка“ ќе добијат функционална канализација. Во овод дел на градот каде живеат над 1000 домаќинства, канализацијата избива при секој поголем дожд, a капацитетот не одговара на потребите на граѓаните. Со пари од Министерството за транспорт и врски, деновиве во оваа населба се работи на канализациона мрежа, како дел од шестте проекти, во висина од 14 милиони денари. Со овие средства, како што најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, при посетата на Свети Николе, општината ќе добие водоводи, канализации и атмосферска канализација.


-Сметам дека согласно динамиката, којашто ја има и во најбрзи можни рокови овие работи ќе бидат во целост завршени и на тој начин ќе овозможиме граѓаните да ги користат овие атмосферски канализации, водоводните и канализациони линии коишто треба да бидат направени во следните месец до два, вели Сугарески.
Дополнителни 850.000 евра ќе се инвестираат во Свети Николе во делот на изградбата на локални патишта и улици.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашко Велковски образложи како ќе се трошат доделените 14 милиони денари, кои се наменети за шест капитални проекти за водоводи, канализации и атмосферска канализација.


-Со овие средства треба да се изгради канализација во должина од три километри и водовод над 300 метри. Тука, на ова место, населението на град Свети Николе имаат 20 години проблем со избивање на канализацијата при најмали врнежи на дожд, а еве при крај се и градежните работи на овој реон, а потоа продолжуваме на „Кнежевски пат“, „Рудина“ и „Васка Циклева“, рече Велковски.
-Почнуваат градежни активности за поставување на цевковод од местото викано Дивњак, каде имаме бунари, каде што е инвестирано 2,5 милиони евра од страна на државата и тој е во очајна состојва Оваа локална власт најде средства, бидејќи работиме трансрантно и отчетно пред граѓаните, ќе го рестартираме целиот тој проект и ќе донесеме вода до село Горобинци и до повисоките места на Свети Николе. Со ова дефинитивно започнуваме со ревитализација на системот „Дивљак“ каде обезбедивме дополнителни 5.000.000 денари или вкупно 7.500.000 денари од сопствени средства. Претходните власти успееја да потрошат 2.5 милиони евра народни пари, но тој беше оставен на забот на времето и вон функција, изјави градоначалникот Велковски.
Тој потсети дека деновиве заврши реконструкцијата на локалниот пат меѓу селата Пеширово и Ерџелија, како и изградба на улици во селото Црнилиште, а наредниот период почнува и изградбата на велосипедска патека во должина од два километри до локалитетот „Била Зора“.