Реализацијата на капиталните инвестиции е на исто ниво како и ланската година, планирани се 150 километри патишта а министерството работи на повеќе од 20 проекти во делот на водоводи и канализација, рече денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната обиколка на експресниот пат Штип – Кочани, отфрлајќи ги како што рече тој натписите дека имало слаба реализација на капиталните проекти.
Вкупната должина на експресниот пат од штипската населба Три чешми, до Кочани изнесува 28 километри.
Директорот на ЈП државни патишта, Зоран Китанов, рече дека сите патишта кои се започнати, без разлика дали се работи за реконструкција или изградба на нов пат, во континуитет продолжуваат да се работат.
-Овој експресен пат од Штип до Крупиште ќе биде првиот голем пат пуштен оваа година, треба да биде завршен крајот на јуни. Овој пат е започнат во април 2017 година, но без завршени експропријации, без решение за водоводни инсталации за наводнување на ова поле и без третирање на косините. Се правеа нови проектирања, се завршија експропријациите и работата си оди со темпо како што треба да биде, рече Китанов.
Делот што се работи од Крупиште до Пробиштип е во завршна фаза и се прават напори да биде завршен почетокот на месец јули.
Браната на река Отиња можеме да очекуваме да почне да се гради во септември, за изграба има 200 илјади евра, но има уште бирократски процедури за издавање на градежно одобрение, рече Бочварски.