Штипското основно училиште „Ванчо Прке“, кое се наоѓа во центарот на градот, деновиве доби затворено балон-игралиште и училница на отворено. Инвестицијата за игралиштето е 2,1 милион денари, а со новиот објект се подобруваат условите за физичка култура и спорт за 1.200-те ученици во училиштето.
„Со овој објект го развиваме спортот, создаваме подобри услови за сегашните ученици и за идните генерации што ќе се образуваат овде“, истакна градоначалникот Благој Бочварски.
Освен овој објект, „Ванчо Прке“ доби и училница на отворено, а претходно беше реализирана набавка на нови компјутери, смарт-табли, лед-телевизори, а беа реконструирани и тоалетите и обновена оградата. Вкупната инвестиција изнесувала 4,7 милиони денари.