Земјоделскиот производител Аце Димитриевски од светиниколско Мустафино, во саботата доби нов договор со дополнителни 30 хектари државно земјиште во плодната Овчеполска рамница. Земјоделското стопанство на Димитриевски произведува органска храна, фуражни култури и житарица, а во Швајцарија извезува и органски грав.
-Овој договор ќе значи многу за мене и мојата фарма. Имам план за проширување на производство. Имам договор со странски фирми, сега со задоволување на потребите со површини, мислам дека ќе ги задоволиме потребите и на домашниот пазар и на фирмите што ни се договарачи од странство, рече Аце Димитриевски, производител на органска храна
Димитриевски е еден од дваесетте земјоделци, кои го добија првите решенија за закуп на државно земјиште на јавен оглас. Деновиве вакви решенија ќе добијат земјоделците и од останатите региони од државата. Доделувањето на решенијата стартуваше од Свети Николе. Министерот за земјоделство, Трајан Димковски кажа дека со јавниот оглас до три хектари ќе се склучат 86 договори, за вкупно 206 хк, за јавниот оглас над три хектари ќе се склучат 63 договори за вкупно 800 хк, државно земјоделско земјиште на коешто ќе се произведуваат различни земјоделски култури.
– Наменета на земјиштето е за подигање на овошни и лозови насади, потоа за хмељ, лешници, оранжерии, маслинарници, брзорастечки дрвја, рибници, пчелни семејства, рурален туризам и за други видови на култури. Двата огласи опфаќаат и дел од земјиштето на Агрокомбинатот „Џумајлија“, за којшто лани склучивме осум договори и се доделија 714 хектари, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Со доделувањето на новите површини, во светиниколско се создава можност за отворање на нови 50 работни места, а исто толку и за сезонски работниц, што за градоначалникот Сашо Велковски е особено важно.
-Со ова, не само што се намалуваат необработените површини, туку се намалува и невработеноста во нашиот крај, односно се зголемуваат приходите по член на домаќинство. Верувам дека сите оние коишто конкурирале се задоволни од она што го имаат добиено, изјави на доделувањето на решенијата, Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе
Земјоделците кои добија државно земјиште велат дека ако се работи и ќе се има профит. Очекуваат институциите да им ги озвоможат сите услови, со цел производство на поголемо количино на земјоделски производи, кои го трпат ефектот на климатските промени и долготрајните суши. За таа цел од Министерството за земјоделство најавуваат инвестиции во наводнителните системи во регионот и побрза интервенција со поправки, за што се набавени резервни делови.