Радовиш во 2019 година одбележа голем јубилеј – 1.000 години од првото споменување на градот во историските документи. Јубилејот беше одбележан со многу манифестации, од кои некои веќе се традиционални, а некои беа реализирани специјално за илјадагодишнината. На оваа тема, но и на повеќе други поврзани со функционирањето на градот и на 28-илјадната општина во веќе изминатата и со плановите за Новата, 2020 година, зборува градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, во предновогодишниот разговор за „Моја општина“.
Конзулов се осврна на најзначајните проекти што беа реализирани или почнати во текот на 2019 година.
Општината нема некои посебни ингеренции во стопанството, а Конзулов, како човек кој на градоначалничката функција дојде од стопанството, од „Бучим“, во разговорот за „Моја општина“ дава слика и на состојбата во радовишкото стопанство, која е слична со состојбата во речиси сите македонски општини, за иселувањето од кое не е поштеден ни Радовиш.
Конзулов на крајот од разговорот се осврнува на плановите за развој на општината во 2020 година, на почнатите проекти што треба да се завршат во 2020, на планираните нови, со цел да им се подобри животот на граѓаните, да се олесни пристапот на потенцијални инвеститори, а со тоа и младите поретко да се одлучуваат да заминуваат.