Трибини, дебати, работилници и активизам. Борбата за родова еднаквост и елиминација на секаков вид насилство врз жени и девојчиња, годинава ги сплоти општината, институциите и невладините организации во Свети Николе. 16 дена Комисијата за еднакви можности ќе организира најразлични активности, а општината ќе свети портокалово.
16-те дена активизам ги отворија со јавната седница на Комисијата за еднакви можности, во која ќе ги соберат информациите за родво базирано насилство на територијата на Свети Николе.
-Тука се и основните училишта кои учествуваат преку трибини и работилници посветени на меѓуврсничкото и сајбер насилството. Понатаму невладините – организацијата на жени на Свети Николе и Граѓанската иницијатива на жени со работилниците за прихолошки пристап кон насилството“, изјави претседателката на комисијата за еднакви можности, Оливера Арсов.
Претседателката Арсов смета дека има потреба од подигање на јавната свест за родово базираното насилство. Особено им е драго што годинава во програмата против родово базирано насилство ги вклучиле и младите спортисти, а средното училиште има организирано тридневна едукација на учениците за распозавање на семејното насилство.
Според Славица Димова, координаторката на Комисијата за еднакви можности, жртвите на семејно насилство не се доволно свесни и немаат можности лесно да ја напуштат насилната средина, па државата би требало да им излезе во пресрет.
-Предлагаме на ниво на држава да се донесат политики и мерки како би можела жртвата многу полесно и безболно да го напушти насилникот, да стане економски јака и многу полесно да го помине процесот на интеграција во општеството“, рече Димова.
Општина Свети Николе има шелтер центар за жртви на семејно насилство, што работи од 2011 година.