Министерот за земјоделие Трајан Димковски им вети на Таринчани, земјата во нивниот атар да биде изземен од инвестицискиот оглас, во кој државното земјиште околу оваа село се нуди како една целина.
Димковски се сретна со земјоделците за време на викендот, кога информираше за објавениот оглас со кој се стартува изградба на филтер станицата во општина Карбинци. На средбата тие со аргументи го образложија своето барање.
Подрачната единица на Министерството за земјоделство ,шумарство и водостопанство во Штип, ќе треба да покрене постапка до Министерството и од страна на Комисијата од секторот земја, да се изнајдат законска можност овие 44 хектари да бидат изземени од инвестицискиот оглас.

„По овој состанок со враќањето во Министерството ќе направиме координација со раководителите на секторите и според законските можности ќе направиме напори да се изземе оваа земјиште од огласот. Последниот ден за пријавување по овој инвестициски оглас е до 7 декември,“ изјави Димковски
Земјоделците бараат оваа земјиште кое што е расцепкано и не претставува една целина, да биде понудено во посебен оглас за давање под наем државно земјиште до три хектари.


-Сакаме тие 44 хектари да бидат изземени од целокупниот оглас и и ставени под други услови за да можат да конкурираат жителите од селото Таринци, образложи Киро Стоилков, претседател на Советот на М.З Таринци, на предупредувачкиот протест, кога и побараа средба со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Некои од земјоделците велат, а покажаа и документи, биле и сопственици на одредени парцели до 1952 година. Со формирањето на Земјоделските задруга тие станале составен дел на задругите, но со нивното пропаѓање тие парцели станале државно земјиште.
Министерот за земјоделие на прашањето зошто пред објавување на огласот не биле анкетирани потребите на земјоделците, изјави дека огласот се креира според препораките на Подрачните единици.
Од штипската Подрачна единица, велат дека споменатото земјиште претставувало една целина но дека сега е расцепкано поради реализираната денационализација, што не е образложение, затоа што денационализација е направена пред десетина години.