Организацискиот одбор на „Карамановите поетски средби“ објави дека традиционалната манифестација годинава ќе се одржи од 22 (петок) до 24 ноември (недела) во Радовиш.Карамановитесредби оваа година ќе се одржат по 46. пат, а се организираат во знакот на големиот јубилеј „1000 години Радовиш“, родното место на Караманов.
Добитник на главаната награда е големиот европски и светски поет Хусто Хорхе Падрон, кој ќе биде претставен од страна на познатата македонска писателка и критичар, д-р Кристина Николовска.
Во рамките на програмата, ќе бидат доделени три награди: Европска награда за поезија „Ацо Караманов“, која годинава му се доделува на големиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон; Балканска награда за поезија „Ацо Караманов“ што ја добива хрватскиот поет Валерио Орлиќ за поетската книга „Обележувам ѕвезди“; и Наградата „Караманов“ за најдобра книга од македонски автор, која годинава ја добива Даниела Андоновска Трајковска за книгата „Електронска крв“.
Двете наградени поетски книги: „Обележувам ѕвезди“ од Валерио Орлиќ и „Електронска крв“ од Даниела Андоновска Трајковска се објавени во едицијата „Караманов“, којашто пред дваесет години беше иницирана од страна на претседателот на Карамановите средби – Борче Панов. Во чест на јубилејот „1000 години Радовиш“, во рамките на 46. Карманови средби, ќе се случи праизведбата на кантатата „Радовидение“, за која музиката ја напиша Стојан Стојков, на стихови од Борче Панов.
Годинава ќе бидат промовирани и три поетски книги -„Бакнежот на судбината“ од Раде Силјан, за чиј опус ќе зборуваат Паскал Гилевски и Љубинка Донева; „Дождови – 90 песни“ од култниот современ македонски поет Матеја Матевски, а омаж за поетскиот опус на Матеја Матевски ќе зборува приредувачот на оваа книга и уредник, Раде Силјан; како и на наградената поетска книга на хрватскиот поет Валерио Орлиќ „Обележувам ѕвезди“, за која ќе зборува Борче Панов.
Мултумедијалниот карактер на оваа престижна книжевна манифестација годинава ќе биде збогатен со отворање изложба на сликарот Ниче Василев, за која ќе зборува писателот Борче Панов, како и со кореографијата „Перон“ од страна на кореографот Изабела Ангелова и балетското студио „Газели“.