Богата програма со културно – уметнички збиднувања, театарски претстави, спортски настани во Куманово по повод „Ноемвриски денови“, ослободување на градот и јубилејни 500 години од постоењето на Куманово. Дел од нив фати и објективот на ММС.МК.
По седумдесетти пат се одржа изложбата „ Кумановски ликовни уметници 2019“, а на свеченото отворање се обрати градоначалникот Максим Димитриевски.
- „Честа е голема во приквичерието на празникот „11 Ноември“ да видиме што тоа нашите ликовни уметници со децении твореа, а што создадоа по повод овој голем јубилеј на градот.“ рече при своето обраќање градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
- „На сите граѓани од Куманово сакам да им го честитам денешниов празник – 75 години од ослободувањето, но и 500 години од создавањето на градот и секако сето она што е организирано по тој повод е величествено. Изложбата е традиционална, веќе 70 години и ми беше задоволство да ја погледнам. Ми се допаднаа одредени дела, но секако се е до вкус кога уметноста е во прашање.“ – изјави Милош Вучович, градоначалник на Нови Сад.
Неговата посета на Куманово не беше случајност. Во неделата Куманово и Нови Сад се збратимија.
- „Овде сме цела делегација затоа што потпишавме официјален протокол за соработка меѓу Нови Сад и Куманово, па оваа можност ќе ја искористиме за да посетиме некои институции, да се дружиме со градоначалникот и граѓаните на Куманово. “- додаде Вучович.
На овој празник за ликовните уметници, свои дела претставија дваесетина ликовни автори.
- „Ова ми е трети пат како учествувам на оваа традиционална изложба. Делото кое вечерва може да се види овде е работено со техника пастел на хартија.“ – вели Ивана Андреиќ – ликовен уметник од Куманово.
Присутните, нормално задоволни од креативните творби …
- „Редовно посетувам изложби, на ваков начин човек може само дополнително да се мотивира и инспирира.“ – ни кажа Кате Јовановска Симаковска, поетеса – Друштво на писатели во Куманово