Со низа свечености, манифестации, спортски натпревари, како и со положување свежо цвеќе на спомен-обележјата на борците за слобода, Радовиш ја одбележа 75-годишнината од ослободувањето. Единиците на НОВ и ПОМ го ослободиле градот од фашистичката окупација на 6 ноември 1944 година.
На 5 ноември, вечерта во очи на празникот, во радовишкиот центар за култура „Ацо Караманов“ се одржа свечена академија по повод 75-годишнината од ослободувањето.
– Драги сограѓани, почитувајќи го минатото ја градиме иднината, ја славиме слободата, до која нема едноставен и лесен пат. Затоа и ги почитуваме и славиме оние што ја извојуваа и ни’ овозможоја 75 години слободен живот и развој на општината Радовиш. Во нашата меморија секогаш ќе останат ликовите и делата на Ацо Караманов, Илија Алексов, Коста Сусинов, дедо Дане Трајков, Ана Поцкова и на многу други – истакна на академијата Драги Стојанов, секретар на Општина Радовиш.
На свечената академија беа врачени и шестоноемвриските признанија и плакети, а предлозите за нивни добитници, како што рече претседателот на Советот на Општината, Коле Чаракчиев, биле едногласно усвоени и од Комисијата и од општинскиот Совет.
Најмлада добитничка на Шестоноемвриското признание годинава е деветгодишната пијанистка Јана Јованова, која имаше и краток настап пред присутните во салата. Таа во последните три години освоила триесетина награди и признанија во земјата и во странсто. Признание доби хуманитарното здружение „Верица“, кое на годинашниот „Гастромак“ освои златен медал. Шестоноемвриски признанија добија и радовишкиот Здравствен дом, како и институциите и установите што учествуваа во гаснењето на големиот шумски пожар на Готен – радовишката противпожарна единица, подрачните одделенија на Министерството за одбрана, на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, на радовишката подружница на ЈП „Национални шуми“ и на општинската организација на Црвениот крст.
Шестонеомвриските плакети, пак, ги добија професорот Симеон Џеков за долгогодишна успешна работа и постигнати спортски резултати, професионалниот фотограф Мите Баков, кој половина век со својот фотоапарат ги следи сите настани во Радовиш, Доне Донев, кој четири децении го афирмира творештвото на Ацо Караманов, популарниот пејач на народна и новокомпонирана музика по потекло од радовишки Подареш, Јордан Митев, потоа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, за развој на патната инфраструктура во општината, популараните „Распеани радовишани“, како и примадоната Милка Ефтимова, врвен оперски солист со многу светски признанија.
– Радовиш ми е во срцето. Горда сум што потекнувам од овој град и секаде тоа го потенцирам. Многу сум горда и што гледам во Радовиш и млади таленти што ќе ме наследат – порача Ефтимова.
На крајот на свечената академија, концерт одржа група од неколкумина млади музичари, професори во Музичкото училиште во Штип, а пред академијата беше отворена и изложба на делата создадени на ликовната колонија „Ацо Караманов“ што се одржа во радвишкиот храм „Св. Троица“ и на планината Плачковица.