Земјоделците од село Таринци се собраа во Општина Карбинци и побараа корекција на огласот за закуп на државно земјоделско земјиште објавен на 1 ноември. Реагираат затоа што со него се нуди сите 44 хектари од овој атар да ги зема само едно физичко или правно лице. Бараат средба со надлежните и доколку не се прифатат нивните барања, подготвени се на порадикални мерки.
-Сакаме тие 44 хектари да бидат изземени од целокупниот оглас и и ставени под други услови за да можат да конкурираат жителите од селото Таринци, образложи Киро Стоилков, претседател на Советот на М.З Таринци.
„Луѓето се револтирани, затоа што тие како регистрирани земјоделци нема да можат да земат земјиште под закуп во нивниот атар. На овој начин се овозможува целото земјиште да го земе само еден“, смета Пепи Спасов.
„Неправда е. Како може само еден да ја земе земјата, а ние да одиме кај него да работиме?! На што личи тоа?! Ние нели сакаме да работиме, вака ќе треба ние да бидеме измеќари. Бараме приоритет да имаме ние, да си конкурираме ние, месното население. Не можам јас да одам во село Лакавица или во Велес да земам земја да работам.Треба да земам тука“, вели Спасов.
Ладе Николов е млад сточар којшто се соочува со проблемот за обезбедување на храна на стоката што ја поседува. Бидејќи веќе селото нема сопствена паша, сега му се ускратува и можноста за земање на земја каде би можел да ја произведува.
„Нема каде да ги напасуваме овците. Тоа што беше паша сега е пренаменето во земјоделско земјиште и изорано. Ние практично нема ни по која основа да плаќаме пашарина“, вели Николов.
Некои од земјоделците велат, а покажаа и документи, биле и сопственици на одредени парцели до 1952 година. Со формирањето на Земјоделската здруга тие станале составен дел на задругите, но со нивното пропаѓање тие парцели станале државно земјиште.
Земјоделците добија поддршка и од градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев:
„Ние имаме сознанија дека некаде од околу 47 домаќинства има по еден регистриран земјоделец, сточари и одгледувачи на стока. Сметаме дека доколку оваа површина се изземе од целокупниот овој оглас и биде дадена под друг оглас дека жителите на село Таринци ќе бидат задоволни и поголем дел од овие површини ќе ги земат тие“.
Земјоделците од село Таринци бараат средба со надлежните од Министерството за земјоделие. Велат дека ќе бидат упорни да успеат во намерата и се подготвени и за порадикални мерки.