Неодамна во едно од земјоделските стопанства во светиниколско, беа поделени првите картички, што ќе можат да бидат искористени до април догодина.
Еден од земјоделците, кои денеска добија картичка за зелена нафта е Лазар Поп Јанев, кој по 12 години во странство решил да се врати и да подигне лозарски и овоштарски насади. Располага со комплетна механизација, добива субвенции од државата, а сега и картичка за зелена нафта. Поп Јанев е задоволен од поддршката на државата, а го истакнува и искуството од странство.
-Овие мерки што ги даваат е добро, но откупот сега треба да се реши. Што ќе ми е нафта кога нафтата ќе ме чини 1000 евра, а овде сум изгубил 5000 евра?! Се’ е тоа во ред од државата, само што нема сигурност за откуп. Фалат тие контроли на производство, пласман, секаде производството во земјоделието е со ниски цени, ама сите тие држави ги субвенционираат производите. Можеби цената на грозјето и тука е толку, тоа се берзи, но земјоделецот во странство зема многу поголеми субвенции и затоа производството му е исплатливо, вели Поп Јанев.
На листата од 1870 земјоделци кои ќе добијат картички за зелена нафта е и Лилјана Цветанова , која е носистел на земјоделско стопанаство од 10 хектари под закуп на државата.
-Имам земено земја под кирија, плаќам редовно наменина, садам секакви култури. Од мехнизација имам трактор доделено. Добро е, помош даваат, субвенции, изјави Цветанова.
Овие двајца земјоделци се дел од близу 4500 регистрирани земјоделци во Општина Свети николе. На доделувањето на првите картички, градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски оцени дека не случајно овој долгонајавуван проект тргна од Овчеполието
– Само оваа година во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се регистрирани 98 млади земјоделци, што значи дека земјоделството ни е наша најосновна дејност во овој крај, од друга страна од вкупно 19.000 хектари обработлива површина под закуп се дадени 14.500 хектари. Затоа се надевам дека со оваа мерка на Владата ќе можеме на сите вас земјоделци да ви излеземе во пресрет , рече Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.
Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство објаснуваат дека картички за зелена нафта ќе добијат сите земјоделци кои добиваат субвенции, а картичките лично или со овластување можат да ги подигнат во Подрачната единица до април догодина.