Изградбата започна 2004, а осветувањето стаса после 15 години. Селото со најсолиден наталитет во општина Виница, Трсино, од 1 август, конечно, има своја црква, која е посветена на “Св.Тројца“.
Чинот на осветувањето со сите црковни почести го изврши владиката Иларион во сослужение на свештенци од Брегалничката епархија на МПЦ-ОА.
– Помошта за изградбата на црквата беше од сите. Од поранешните градоначалници – Марјан Костадинов и Горан Ангелов, сегашниот Ивица Димитров, како и од нашите иселеници Стојан Пешов и Гоце Анакиев. Благодарност до сите нив. Но, овој наш храм што се гради цели 15 години, е завршен делумно, но целосно не. Се надеваме дека во најкраток временски период ќе биде комплетиран. Селото брои околу 750 жители. Тука се околу 400, но за летниот одмор доаѓаат сите. Во овие две години , во селото се реализираа повеќе значајни проекти, останува уште канализацијата како приоритет – рече претседателот на Месната заедница, Зоран Ристовски.
Осветувањето се славеше со голем народен собир, а имаше и црковен ручек во кругот на црквата за сите присутни.
-Ова е втора црква која се осветува во текот на мојот мандат. Ние како општина, заедно со месните заедници, ја помагаме изградбата на овие духовни храмови, и ќе продолжиме во рамките на нашите можности. Сакам на сите жители на Трсино, и на општина Виница да им го честитам утрешниот празник Илинден – рече градоначланикот на Виница, Ивица Димитров.