Од 18 до 21 јули, Радовиш и неговата пријателската општина Тетевен (Република Бугарија), преку повеќе интерактивни настани, во Тетевен успешно го реализираа заедничкиот проект на двете општини „Заедно создаваме подобра иднина“, кој беше одобрен на почетокот од оваа година преку програмата „Европа за граѓаните“.
Во проектот учествуваа повеќе 400 учесници од двете општини. Делегацијата на Радовиш ја предводеше градоначалникот Герасим Конзулов, а во неа беа претставници од локалната администрација, членови на Советот на општина Радовиш и претставници од бизнис-секторот, угостителството и од граѓанскиот сектор. Во Тетевен беше присутен и амбасадорот на нашата земја во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
На првиот работен ден од овој проект, најпрво беше отворена бизнис-изложба на која се претставија дел од локалните компании од општина Тетевен и од општина Радовиш. Потоа, со поздравни говори на градоначалниците Герасим Конзулов и Мадлена Бојаџиева, беше отворен бизнис-форумот, на кој првин се изврши презентација на општините, а потоа беше презентирана и фејсбук-страницата на самиот проект.
Во вториот дел од форумот беа проследени неколку презентации на локални компании и на сместувачки капацитети од општина Тетевен, како и презентација на туристичките и бизнис потенцијали на општина Радовиш. Воедно, беа презентирани и можностите за заедничка соработка во областа на претприемништвото, образованието, туризмот и на користењето европски финансиски инструменти, актуелни програми и извори за финансиране на мал и среден бизнис.
На 19 јули во модерниот комплекс Бизнис центар „Балкан“ во селото Рибарица започна форумот „Иднината на Европа и младите луѓе – економски развој и социјално зближување“. После кратките обраќања на градоначалниците на Тетевен и на Радовиш, веднаш започна заедничката интерактивна работилница на повеќе од 80 ученици од три средни училишта од Тетевен и од средното училиште од Радовиш. Тие покажаа одлични познавања во областа на функционирањето на ЕУ, а сето тоа го следеа и присутните директори и професори од средните училишта.
По кратката пауза, која со свој настап ја збогатија учениците од Музичкото училиште од Тетевен, се продолжи со презентација на најважниот документ од самиот проект – „Општа стратегија за младите“. Форумот продолжи со презентирање на добри практики во сферата на младинските политики и образованието во двете општини.
На 20 јули утрото во месноста Костина беше отворен „Фолклорниот фестивал на народни обичаи и автентични носии“, на кој учествуваше и фолклорниот ансамбл „Радовишанки етно“, како и „Распеани Радовишани“.
Програмата продолжи и во вечерните часови, кога, како дел од фестивалот и од самиот проект, се одржа „Вечер на македонскиот фолклор“. Настапија: фолклорниот ансамбл „Радовишанки Етно“, фолклорниот ансамбл „Китка“ од Ораовица, балетското студио „Газели“ и градскиот ансамбл „Распеани Радовишани“. Сите беа наградени со силни аплаузи.