Филмски проекции на отворено, отворен театар на Виничкото кале, изложба, поетска вечер, духовни чествувања… Со десетина содржини, во кои можеа да се пронајдат од најмладите до највозрасните виничани, Виница го чествуваше Павловден, односно апостолот Павле, гласникот кој го рашири христијанството и патрон и заштитник на градот Виница.

Богатата шестдневна програма започна во понеделникот на 8 јули со проекција на домашниот филм „Господ постои, името и’ е Петрунија“. Следната вечер, пак, имаше проекција на анимираниот филм „Карирана нинџа“, добитник на наградата „Роберт“ на Данската филмска академија за најдбар филм за деца. Двете проекции се одржаа на отворената сцена пред Домот на културата „Тошо Арсов“. Се потврди уште еднаш дека виничани го сакаат филмот, па поставените 150 столчиња не беа доволни.

– Лани за Павловденското празнување имавме премиерна проекција на филмот „Исцелител“ на отворената сцена пред Домот на културата, а оваа година тоа се случува вторпат со проекцијата на филмот на Теона Митевска „Господ постои, името и’ е Петрунија“. Реакцијата на публиката од 150 луѓе беше задоволителна. Има интерес и за реприза. Слично беше и на проекцијата на филмот „Карирана Нинџа“ – вели Јовица Илиев, директор на виничкиот Дом на културата.

Од проекциите на отворено на „Господ постои…“ (горе) и на „Каррирана Нинџа“ (долу)

Виница, како и многу други градови во Македонија, од поодамна нема функционално кино, а големиот интерес на виничани за филмската уметност ги поттикна општинските власти да прават напори за ставање во функција на некогашната кино-сала во следните година-две. А тоа, според пресметките, би чинело околу 200.000 евра (реконструкција, внатрешно уредување и опрема за проекции).

– Со цел да го заживееме филмот, како Општина направивме проект за реконструкција и внатрешно уредување на кино-салата во нашиот град. Аплициравме пред европските фондови со прекуграничен проект со Општина Банско. Се’ уште ги очекуваме резултатите. Овие денови завршува и постапката што ја објави Министерството за култура. Аплициравме и таму. Се надеваме дека ќе ги добиеме средства да се уреди салата, кои, инаку, би било тешко да ги обезбедиме од општинскиот буџет – истакнува градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Во средата пред виничкиот музеј „Теракота“ беше итворена интересна изложба на стари фотографии од Виница и Виничко, од кои најстарите потекнуваат од почетокот на 20. век. Има фотографии уште од турско, потоа од периодот меѓу двете светски војни, од поновото време,од виничката архитектура, стопанство, земјоделство, образование, здравство, стари семејства, носии… Од саботата изложбата е пренесена во изложбениот салон на Домот на кулурата. Ќе биде отворена до 19 јули.

– Изложбата е насловена „Виница и Виничко низ фотографии“. Содржи околу 80 црно-бели и колор-фотографии. Има и од архивата на Музејот и од граѓани што ги донесоа. Најстарите фотографии се од почетокот на 20. век. Има фотографии од Виничкото Кале пред да почне да се истражува, од куќата на Ќазим бег, која денес е доста оштетена, па се работи на проект за нејзина реконструкција – вели Јулијана Иванова, директорка на музејот „Теракота“.

Во средата имаше и концертна промоција на новиот абум на групата „Филч“. Следната вечер, пак, во атрактивниот амбиент на Виничкото кале Игор Дамјанов – Марадоната настапи со монодрамата „Страстите на Илија“. Во петокот вечерта имаше поетска вечер со поетот, преведувач и колумнист, Тихомир Јанчовски, и концерт на „Чалгии саунд систем“.

Монодрамата „Страстите на Илија“ во убавиот амбиент на локалитетот Виничко Кале (слики горе и долу)

Саботата почна со духовно одбележување на Павловден. Прво се полагаа моштите на св. Гаврил Лесновски во виничкиот храм „Св. Архангел Михаил“, а потоа имаше литија кај параклисот „Св. Павле“.

Ид духовното одбележување на Павловден (слики горе и долу)

Одбележувањето на Павловден продолжи со свечена седница на Советот на Општината, на која им беа врачени и признанијата на првенците на генерацијата во петте винички училишта. Освен прзнанијата, петтемина ученици – Сашка Димитрова, Никола Апостолов, Димитриј Спасов, Андреј Тодоров и Камелија Илиева, добија и парични награди од по 5.000 денари.

Признанија инагради за првенците на генерациите во петте винички училишта

Павловденските празнувања завршија во сабоатата вечерта на виничкиот плоштад Ангел Винички со концерт на локални групи, како и на Игор Џамбазов и Гуру Харе.

Манифестацијата „Павловден 2019“ заврши со концерт на Игор Џамбзов и Гуру Харе во саботата вечерта на виничкиот плоштад (слики горе и долу)

ГАЛЕРИЈА: „ВИНИЦА И ВИНИЧКО НИЗ ФОТОГРАФИИ“