Возила, вооружување и опрема која се употребува на заедничката воена вежба „Одлучен удар 19″, на која учествуваат околу 2.700 војници од нашата армија и армиите на САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора беа презентирани пред граѓаните на Свети Николе.
Најпрвин слета хеликоптерот на НАТО на градскиот стадион во Свети Николе.За миг беше обиколен со љубопитните граѓани, кои не пропуштија да влезат во неговата внатрешност и одблизу се запознаат со опремата како и за неговите можности и улогата што ја има .
По половина час пристигнаа и другите возила, војниците, опремата, оружјето. За миг во толпата се претопија и војниците и граѓаните,разговараа, се сликаа ,се запознаваа со опремата и процедурите кои ги извршуваат припадниците на армиите учеснички на оваа досега најголема воена вежба кај нас.
,, Свети Николе како дел од оваа манифестација ќе биде пример за тоа како можат да соработуваат граѓаните и војската, не само на НАТО туку и со АРМ“ истакна светиниколскиот градоначалник, Сашо Велковски.
,,Да се биде овде меѓу сите овие луѓе и да се види колку тие се возбудени за настанот и колку убаво си поминуваме е навистина прекрасно чуство.Искуството е прекрасно.Во врска со вежбата,тоа е еден вид на крос- тренинг. Ние учиме од македонските војници, тие учат од нас. Се надевам дека ќе собереме што е можно повеќе искуство“, рече Шулкебир , офицер за комуникација , кој како што кажа доаѓа од Пенсилванија.
Светиниколчани имаа можност да проследат фудбалски натпревар помеѓу локалната самоуправа и екипа од припадниците на армиите кои учествуваат на вежбата.
Вежбата која повеќе од еден месец ќе се изведува на армискиот полигон „Криволак” има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците од составот на армијата, подобрување на интероперабилноста и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.