Водени од желбата за развој и зацврстување на пријателските односи и соработката помеѓу двете општини, а со цел зближување на двата региона преку интензивирање на соработката во областите на економијата, културата, туризмот, образованието, спортот, и социјалните дејности, вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов и градоначалникот на општина Петрич од Република Бугарија, Димитар Брчков, денеска, потпишаа Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка водени од принципите на доверба, заедничко разбирање и соработка.
Во знак на започнувањето на соработката, Костадинов на својот колега од Петрич му врачи Плакета со грбот на општина Струмица изработена на гравирана плочка и Крст реликвијар од локалитетот Цареви кули. На потпишувањето на Меморандумот му претходеше работна средба меѓу делегациите на двете општини која што се одржа во кабинетот на вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
„Денес сме домаќини на членови на делегацијата од општина Петрич – Република Бугарија, предводена од градоначалникот, Димитар Брчков. Секако, ова претставува голем ден за општина Струмица, за мене лично и за граѓаните на Струмица. Престојот на колегите од општина Петрич е всушност возвратна посета, на онаа што ние ја остваривме пред некое време во Петрич. Тие средби имаат за цел изнаоѓање на решенија и форма за меѓусебна соработка таква каква што доликува на овие две мошне блиски соседни општини. Во изминатите години постоеше конкретна соработка во делот на реализација на меѓугранични проекти, нормално со финансирање од фондовите на Европската унија, но ние одиме чекор напред кон продлабочување на таа соработка и правиме напори се со цел да постигнеме некаква соработка за доброто на сите граѓани на општина Струмица и на граѓаните на општина Петрич. Како плод на тие напори е и документот што денес го потпишавме со колегата Брчков, а е од суштинско значење за граѓаните и на општина Струмица и за граѓаните општина Петрич. Имено, станува збор за Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка, помеѓу општина Струмица и општина Петрич кој претставува интензивирање на соработката во делот на економијата, културата, спортот и други области. Јас искрено се надевам дека нашите потписи на овој документ ќе бидат во функција на граѓаните, секако и функција за развој на двете општини, но и за зацврстување на добро пријателските односи меѓу Струмица и Петрич“, рече Костадинов.
И за градоначалникот на општина Петрич, потпишувањето на Меморандумот има големо значење за двете општини:„Потпишувањето на денешниот Меморандум е од исклучително административно значење за двете општини за нова идна соработка. Општина Петрич во најголем степен ќе ја искористи можноста за предлагање на идеи и проекти кои што заедно ќе ги реализираме. Тоа ќе ни овозможи искористување на средства од европските фондови за да можеме да ги развиваме нашите проекти кои и досега успешно се реализираа,“.
Домаќините и гостите од Петрич попладнево ги посетија манастирот Св.Леонтиј во Водоча и римската терма во Банско.