Повеќе од 20 ликовни уметници од земјата и од странство една недела ќе создаваат дела во прекрасниот амбиент на манастирскиот комплекс „Св. Георгија“ во радовишкото село Ораовица. Четвртата традиционална меѓународна ликовна колонија „Св. Георгија 2019“ свечено беше отворена во понеделникот во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш.
– Колонијата ќе трае до недела, 16 јуни. Учествуваат 22 уметници од пет земји – Македонија, Србија, Бугарија, Турција и од Русија. Ќе творат на слободни теми во маслена техника на платно, акрилна техника на платно, како и во комбинирана техника – акрил и масло. Делата што ќе ги создадат премиерно ќе бидат изложени на 6 ноември, Денот на ослободувањето на Радовиш – вели Душан Коцев, претседател на Здружението на ликовни уметници РАДА од Радовиш и претседател на организацискиот одбор на Колонијата.
Ликовната колонија ја прогласи за творена секретарот на Општината Радовиш, Драги Стојанов.
– Колонијата е уште еден мост за соработка и ликовно творештво на уметниците од Македонија и уметниците од светот. Убеден сум дека манастирскиот комплекс „Св. Георгија“, или популарно познат како Ораовичкото манастирче, прераснува во еден духовен конак на ликовната уметност. Тој тоа апсолутно го заслужува – истакна Стојанов.
Некои од ликовните творци во изминатите три години биле дел од Колонијата, други, пак, во Радовиш и во Ораовица се првпат во животот. Една од нив е Ирина Черњавски – Шантриќ од Белград, Србија, која во Македонија досега учествувала на ликовната колонија во кумановско Пелинце.
– Првпат сум во Радовиш. Доаѓам со полно срце. Слушнав од колегите многу убави работи за оваа колонија, исто така и за манастирскиот комплекс каде што ќе создаваме. Бројката од 22 уметници е навистина импозантна. Плејада луѓе што ќе ги остават своите дела – вели Черњавски – Шантриќ.
Првпат во Радовиш и во Ораовица е и Динко Ненов – Донатело, уметник родум од Смолен, кој живее во Софија, Бугарија.
– Првпат сум во Радовиш и се радувам што сум овде. На колонии во Македонија, пак, сум бил можеби 15 пати. Во Скопје, Охрид, Белчишта, Струмица. За мене Македонија е многу духовна. Има многу манастири и се радувам што колониите, како и оваа во Ораовица, главно се прават токму на такви места – истакнува Донатело.
Меѓу редовните учесници е академската сликарка од Скопје, Андријана Мациев, која на отворањето откри една од причините зошто секоја година со нетрпение очекува Колонијата да почне.
– Радовиш е родното место на мајка ми. Кога стигнав, веднаш и’ се јавив и и’ кажав дека сум во нејзиниот роден град. Овде имам роднини и пријатели. Кога пред неколку години почна да се организира колонијата, ми се јавија организаторите да ме поканат. Веднаш реков: „Да, особено што се работи и за Радовиш“. И не се покајав – вели Андријана Мациев.
Веднаш по свеченото отворање на Колонијата, во радовишкиот Центар за култура беше отворена и изложба на Мациев, на која се изложени 28 нејзини дела.