Со свечена седница, општина Карбинци денеска го одбележа денот на општината „Спасовден“.
Од задолжена општина со блокирана сметка, денес општина Карбинци е општина која што е финансиски стабилна, со минимален долг кој што редовно се сервисира, со визија за иднината и создавање услови кои што граѓаните а пред се младите ќе ги одврати од иселување, вели градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.
„Општина Карбинци беше блокирана општина со многу долгови, некаде околу 24 милиони денари. Општината во моментов е финансиски стабилна, со долг помал од 3 милиони денари кој што редовно го сервисираме. Имаме вкупно 18 проекти со вредност од 5 милиони евра. Еден дел од овие проекти се реализирани, поголемиот дел се одобрени и чекаме соодветна апликација и нивно имплементирање. Со реализација на овие проекти општина Карбинци ќе го направиме поубаво место на живеење, ќе ја сопреме миграцијата“, рече Насев.
Секогаш е задоволство да се присуствува на вакви настани особено во општина каде што има иницијативи и идеи, рече заменик министерот за Локална самоуправа Дејан Павлевски, кој што присуствуваше на свечената седница, по повод денот на општината.
,,Општина Карбинци ја има целосната поддршка и од Министерствата и од Владата и ги охрабруваме да продолжат понатаму во остварувањето на нивните проекти кои што секако се во интерес на сите граѓани на општината.Она што е наш фокус како Министерство е да ги зајакнуваме капацитетите на општината ,како административни, така и финансиски.Како министерство за локална самоуправа го дуплиравме буџетот за рамномерен регионален развој и работиме на максимална реализација на истиот како и на реализација на проектите за прекугранична соработка, со сите соседи, поддржани од ЕУ„ додаде Павлевски.
Општина Карбинци одбележа 23 години од своето постоење.