Заврши реконструкција на градскиот пазар во Куманово, проект кој се одвиваше во прекугранична соработка со Општина Гњилане, а за кој Европската унија издвои 324.000 евра.
Како што рече денеска градоначалникот Максим Димитриевски, направена е делумна реконструкција на зелениот пазар, сменета е кровната конструкција, направени се нови санитарни јазли, а со парите кои биле заштедени набавени се мобилни тезги.
– Бенефитите се големи, првенствено од здравствен аспект успеавме да ги смениме старите азбесни полочи со кои беше покриен пазарот, нема протекување при дождови и санитарните јазли веќе се на високо ниво, со тоа ги подобруваме условите на оние кои го користат пазарот не само за да ги продаваат стоките, првенствено граѓаните кои што купуваат стоки, рече Димитриевски.
Ова е голем проект со кој првин се разубавува зелениот пазар, а потоа ќе ги подобри и условите во кој работат тезгаџиите, рече директорот на ЈП „Пазаришта“ Илир Саити.
– Ова е една голема работа, голем проект за нашето јавнот претпријатие. Првин ќе го разубави зелениот пазар, а потоа и ќе ги подобри условите на нашите закупци и земјоделците во Општина Куманово. Успешната имплементација на овој проект е мотив да се аплицира и за други нови европски проекти, изјави Саити.
Како што посочија грдоначалниците на Куманово и Гњилане во периодот кој претстои ќе се потпише и договор за збратимување на двете општини, а веќе се работи и на нови проекти за прекугранична соработка за кои допрва ќе се аплицира до ЕУ фондовите.