Музика, оро, насмеани лица, традиција преточена во вештите раце на македонската жена и оваа година беа главниот предзнак на манифестацијата „Бабина баница 2019“, во селото Цера, Македонска Каменица.
Во организација на општината и Здружението на пензионери од Македонска Каменица, со техничка поддршка на Културно информативниот центар „Романса” и оваа година на манастирскиот комплекс „Еленец“ во селото Цера се одржа традиционалната манифестација „Бабина Баница 2019“.
„Традицијата продолжува, зошто единствена цел ни е убавината на овие обичаи да се пренесат и на идните генерации, со цел да го зачуваме нашето богатство“, вели градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
Звуците од гајдите и тапаните и оваа година ечеа на Еленец. Песните и орото кое што ги разиграа срцата и душите на присутните се испреплетуваа со спомените од едно дамнешно време, со чуство и ветување дека традицијата ќе продолжи.
Освен забавниот дел, манифестацијата „Бабина баница“ има и натпреварувачки дел,вели претседателката на Здружението на пензионери, Јаворка Соколовска.
„Месење, сукање и печење на стар традиционален начин, под вршник. Се одбираат најквалитетните баници„ додава Соколовска
Секоја екипа со свои специфики во начинот на приготвувањето на баници.
Јадранка Деспотова како учесничка во екипата од Македонска Каменица, вели дека она што го научила од својата мајка и баба го пренесува и на своите деца. Таа четири години учествува на оваа манифестација, три години го освојуваат првото место. Јадранка ни го кажа рецептот за замесување баница.
„Брашно ставаме, сол, малку квасец и со млака вода се замесува. Потоа сукаме и врз кората ставаме сирење и зејтин и една по една така ги редиме“, додава Деспотова.
За убава и вкусна баница не е доволен само рецептор, вештината се стекнува со годините а многу е битно и поднебјето каде што се подготовки, како и од потеклото на состојките, вели Блашка Стаменкова која што на оваа манифестација е присутна веќе осум години, прво како учесник а сега и како оценувач на баниците.
„Да, нашата баница се разликува од другите места. Од воздухот ли е. . не знам, така ли е. Така не научиле старите и ние сега ги учиме нашите деца“
Традицијата продолжува не само во вкусно подготвените „бабини баници“, продолжува и во рачно изработените носии, кои што ги носеа играоорците од Здружението на пензионери од Македонка Каменица, кои што имаа настап пред присутните гости на манифестацијата.
„Сето ова е со раце изработено, ткаено, со волна, предено, бојадисувано, со чипка. Чорапите се на рака плетени“, вели нашата соговорничка.
Посетителите задоволни, ги имаше над 5000, гости дојоа и од Србија и Бугарија. Некои беа тука за прв пат, некои редовни секоја година.
„На манифестацијата „Бабина баница“ сум редовен посетител. Додека ме држат нозете ќе доаѓам, затоа што е од таков тип, да можат луѓето можат да се дружат, да се стекнат нови пријателства“.
За најдобро приготвените баници, општината и годинава обезбеди пригодни награди, а за сите присутни беше послужен и традиционалниот манастирски ручек.