Осумдесет лица со интелектуална попреченост , членови на локалното здружение “Порака“, деновиве добија свое катче за дружење и социјализација во центарот на градот. Со поддршка на општина Виница и на Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост, овие луѓе со над 18 години ќе можат овде да престојуваат по неколку часа во текот на неделата под надзор на стручно лице- психолог.
– Навистина ми е големо задоволство што денес отвораме социјален клуб во соработка со „Порака“ и општина Виница . Повеќе од десет години баравме простор, можности каде би можеле да функционираме како клуб и, конечно, наидовме на разбирање од градоначалникот и изнајдовме можности да го отвориме овој клуб кој ќе ги опфаќа лицата со интелектуална попреченост со над 18 години. Клубот ќе работи по неколку дена во неделата со психолог. Покрај социјализацијата, овде ќе се одвиваат работилници во кои овие лица ќе развиваат и некои вештини. Искрено се надевам дека со тек на времето овој клуб ќе прерасне во дневен центар со секојдневен повеќечасовен престој.“ – истакна д-р Василка Димовска, генерален секретар на РЦЛП „Порака“.
Републичкиот Центар “ Порака“ има повеќе од 20 000 членови. Целта на овие сервисни центри, кои постепено треба да се трансформираат во центри за дневен престој, е да им овозможат поголема мобилизација и социјализација на возрасните лица со интелектуални пречки и нивно поактивно вклучување во секојдневното функционирање на општественото живеење.