Силни емоции се читаа од лицата на родителите и нивните деца со посебни потреби од Македонска Каменица, денеска на одбележувањето на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лица со посебни потреби. Тие денеска имаа средба со градоначалничката Соња Стаменкова, која оваа пригода им кажа дека врвен приоритет во работата на општината е подобрување на условите за живот и интеграција на оваа категорија граѓани.
За таа цел, воспоставена е соработка на општината со новоотворениот Дневен центар за лица со посебни потреби, каде во финална фаза е подготовката на Меморандум за соработка и регулирање на обврските помеѓу Општината и Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи – Делчево.
-Со неговото потпишување ќе се олеснат начинот и процедурите за воведување на нови мерки, со кои ќе се подигне нивото на меѓусебна соработка. Освен тоа, Општина Македонска Каменица поддршката за лицата со посебни потреби ја изразува со издвојувањето на средства за проекти и програми на хуманитарните здруженија и организации кои работат со оваа група на граѓани, рече градоначалничката Стаменкова.
Оваа посета на кабинетот на градоначалникот на општина Македонска Каменица на лицата со посебни потреби им причини особена радост. Со својата искреност и блискост предизвикаа силни емоции роддителите и кај сите присутни во Салата за состаноци, каде во рамки на приемот, покрај можноста да ги искажат своите проблеми и барања од градоначалничката Стаменкова, секое од нив доби скромен пригоден подарок.
Како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на лица со посебни потреби, во организација на ЦПЛИП „Порака“ се одржа и модна ревија, настан приреден за лицата со посебни потреби на кој тие ќе можат да ги истакнат своите „манекенски“ способности.
Минатата сабота, здружението „Бели Гулаби“ од Македонска Каменица, помогнато од општина Македонска Каменица и Рудник САСА во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, организираше хуманитарнен настан со забавна содржина. Забавниот настан со хуманитарен карактер, со своето присуство и издвојувањето на средства со кои ќе го помогнат подобрувањето на условите во средината на лицата со посебни потреби, го поддржаа и голем број на граѓани на Македонска Каменица. Присутните гости, родителите и лицата со посебни потреби, со кратко обраќање ги поздравија градоначалничката Стаменкова и претседателката на хуманитарната организација „Бели Гулаби“, Наташа Џевелекова.