ММС, 10.10.2018

Од некогашните седум детски одморалишта во источна Македонија, поточно во брегалничкиот слив, три од поодамна се реактивирани – тие на Пониква и во радовишкиот дел на Плачковица станаа хотели, тоа во штипскиот дел на Плачковица – конгресен центар, две се продадени или дадени на трајно користење – тие на Голак и на Ѓуриште, но на реактивирање ќе почекаат, а за „Суви Лаки“ и „Малешево“ досега немаше решение, па најавата за странски инвеститор во „Малешево“, објект покрај атрактивното Беровско Езеро што 12 години не работи, ги израдува беровци

Пишува: Љупчо Шатевски

Веста дека има заинтересиран инвеститор за некогашното детско одморалиште „Малешево“ на брегот на Беровското Езеро, соопштена деновиве при посетата на министерот Зоран Шапуриќ на Берово, ги израдува беровци, кои одамна се надеваа дека, по 12-годишно неработење, некогаш атрактивното одморалиште со корисна површина од околу 4.000 квадратни метри ќе биде реактивирано и ќе продолжи да работи како хотел. И тоа е едно од некогашните детски одморалишта во државна сопственост што ги имаше низ цела Македонија кои пред 15-20 години престанаа со работа и, иако имаше повеќе јавни повици за продажба, останаа непродадени и со нерешен статус.

Одморалиштето и бунгаловите на „Малешево“

Големи и скапи објекти, а не работеа и се руинираа со години

Само на планините во источна Македонија, поточно во брегалничкиот слив, имаше седум такви одморалишта во кои учениците некогаш масовно летуваа и зимуваа. Три од нив веќе подолго време го имаат решено статусот и успешно функционираат. Некогашното детско одморалиште на Пониква одамна стана одморалиште на МВР и хотел од отворен карактер. Пред пет години во реновираното и реконструирано детско одморалиште во радовишкиот дел на планината Плачковица почна со работа хотелот „Бел Камен“ што го отвори радовишката фирма „Алфа инженеринг“, а веднаш потоа одморалиштето „Партизански одреди“, исто така на Плачковица, му беше дадено на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој во него отвори конгресен центар.

Детското одморалиште во радовишкиот дел на Плачковица стана хотел

Уште две од тие седум одморалишта – „Ѓуриште“ кај Свети Николе, кое лани го презеле домашни инвеститори, како и одморалиштето на планината Голак, од кое стариот дел пред четири години го купи делчевската фирма „Фротекс“, а новиот Министерството за труд и социјална политика, кое е сопственик на одморалиштата, и’ го даде на трајно користење на делчевската локална самоуправа, го имаат решено статусот, но уште во нив не почнал посериозен инвестициски циклус, па се’ уште се затворени. Целосно остана нерешен проблемот со двете одморалишта на територијата на општината Берово – „Малешево“ и „Суви Лаки“, кое е покрај патот што води од Берово за Струмица.

Одморалиштето во штипскиот дел на Плачковица станува конгресен центар (лево), а на Пониква од поодамна е хотел (десно)

Надеж за „Малешево“, за „Суви Лаки“ ќе биде потешко

„Суви Лаки“ не работи веќе дваесетина години. Објектите се распаѓаат од забот на времето, а и крадци одзеле речиси се’ од нивната внатрешност. „Малешево“, пак, е во нешто подобра состојба зашто некогашните вработени за него долго се грижеа, го одржуваа, а во еден период пред 15-ина години дури и самите на некој начин управуваа со него. Но, 12-годишното неработење си го стори своето, па и тоа полека се руинира.

– МТСП имаше неколку јавни огласи, но одморалиштата останаа непродадени. „Суви Лаки“ е веќе руинирано, особено неговиот стар дел. Состојбата со „Малешево“ е подобра. Многу не’ израдува најавата дека за него има заинтересиран странски инвеститор. Тоа е од стратегиско значење за беровскиот туризам, кој, всушност, почна токму со „Малешево“. Преку него илјадници луѓе ги видоа убавините на Берово и на Малеш. Дури потоа никнаа новите убави хотели „Манастир“ и „Аурора“, како и повеќе помали хотели, мотели и други сместувачки капацитети. Сметаме дека, ако се реализира најаванета инвестиција, „Малешево“ ќе може успешно туристички да работи зашто се наоѓа во прекрасна природа на самиот брег на Беровското Езеро – истакнува Ѓорѓи Пеовски, раководител на одделението за локален економски развој во Општината Берово.

Ќе има ли туристи на Голак и на Ѓуриште?

Детското одморалиште на Голак

Во слична состојба како и „Суви Лаки“ беа и одморалиштата на Голак и на Ѓуриште – руинирани, со испокраден инвентар.

– Се надеваме дека таа жална слика никогаш нема да се повтори и оти новите инвеститори ќе успеат да направат и отворат современ капацитет. Некогаш убавото детско одморалиште со капацитет за повеќе од сто деца е изградено пред четири децении во најголем дел со општински средства, а, како и повеќето други такви одморалишта во Македонија, престана со работа пред 17-18 години. Освен што е во убава природа на 12 километри од Свети Николе, објектот е и во непосредна близина на Ѓуришкиот манастир – вели Драги Миланов, советник за односи со јавноста во светиниколската локална самоуправа.

Веројатно брзо рестартирање нема да има ни на некогаш многу убавото детско одморалиште на планината Голак кај Делчево, но, сепак, од Општината се оптимисти.

– Целта ни’ е со јавно приватно партнерство да се добие современ туристички капацитет кој повторно ќе биде двигател на развојот на туризмот на Голак. Се јавуваа потенцијални инвеститори – од Италија, од Шведска, Германци, Данци, делчевци, кои досега само покажуваат интерес, а се надеваме дека наскоро конечно ќе има и конкретна понуда и договор. И „Фротекс“, кој го зеде стариот дел на одморалиштето, не се откажува од планираното – истакнуваат од делчевската локална самоуправа.

Колкави се реалните штети од агонијата на некогашните детски одморалишта во Македонија, која трае околу две децении, е многу тешко да се процени. Останаа речиси обезвреднети многу големи и скапи објекти, стотици работници останаа без работа, а останаа без живот или само живуркаат некои рекреативно-туристички локалитети што своевремено се создадоа покрај одморалиштата.

И КРАВИ НА НОЌЕВАЊЕ ВО ОДМОРАЛИШТА

Голак (лево) и Ѓуриште (десно)

Повеќегодишното неработење на детските одморалишта, особено во периодот кога беа оставени без чувари, ги соголи објектите. „Позајмуваше“ од нив кој како ќе стигне зашто инвентарот беше оставен како на послужавник, па беа искрадени вратите, прозорците, паркетот, инсталациите… Пустошот од разграбувањето може да се види во одморалиштата на Суви Лаки, на Голак…
Кога пред две години, непосредно пред да биде продадено, бевме во одморалиштето на Ѓуриште, во „соголената“ внатрешност на објектот неодговорен сточар чуваше и крави во него.

Суви Лаки