26.09.2018

Плакетата за најдобар млад фармер во Општината ја доби Марио Петрев од селото Амзабегово

За првпат во Свети Николе се одржа манифестацијата „Ден на млад фармер во Македонија“, во организација на Мрежата на млади фармери, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Општината Свети Николе.

Манифестацијата, чија цел е анимирање и поттикнување на младите земјоделци заради развивање на агробизнисот и нивно останување во родните места, се одржа на светиниколскиот плоштад Илинден, каде што беа поставени многубројни штандови на земјоделски производители, претпријатија и дистрибутери, на кои беа изложени земјоделски производи, храна и земјоделска механизација.

На штандовите на светиниколскиот плоштад и трактори и друга земјоделска мехнизација

Присутните ги поздрави градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, кој истакна дека ваквите настани отвораат нови можности и перспективи младите земјоделци се’ повеќе да го развиваат своето производство и се’ повеќе да бидат присутни на пазарите во земјата и во странство со квалитетни производи.

– Свети Николе е најземјоделскиот град во Македонија. Во Општината околу илјада земјоделци и’ плаќаат даноци на државата и живеат од земјоделството и фармерството. Затоа и локалната самоуправа ги поттикнува сите вакви настани, со цел да овозможиме афирмација не само кај младите, туку и кај постарите. Поттик во секој поглед ќе имаат сите млади земјоделци, а се надевам дека и Министерството за земјоделство со мерките што ги презема во последно време ќе може да им помогне на сите млади што сакаат активно да се занимаваат со земјоделство – истакна Велковски.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, нагласи дека перспективите на земјоделците и на младите фармери се фондовите за земјоделство на ЕУ, кои во наредниот период ќе биле многу поедноставени и подостапни.

– Се обидуваме на секој можен начин да дојдеме до секој поединец што сака да остане во своето родно место, во своето село и да се занимава со земјоделско или со сточарско производство. Министерството во минатата година склучи 424 договори за по 10.000 евра неповратни средства за поддршка на млади земјоделци. Овие денови гледам дека сите тие набавиле механизација, започнале свој бизнис. Паралелно, преку ИПАРД-програмата, до денес се склучени 702 договора за набавка на трактори и на друга механизација – рече Николовски.

Марио Петрев од Амзабегово ја прима плекатата

Плакета за најдобар млад фармер во општината Свети Николе доби Марио Петрев од селото Амзабегово.