Доза возбуда на одбележувањето  на  Денот на рударите во Македонска Каменица внесе новото законско решение, со кое се овозможува бенифициран стаж за вработените во рударската индустрија. 12 месеци работа ќе се сметаат како 18 работни во стажот. Синидкатот со години се обидуваше да издејствува бенифициран стаж, што заедно со неодамна договореното линеарното покачување на платите на рударите во рудникот Саса за 5.500 денари е значајно подобрување за рударите. Но, и за рударските градови, како што е Македонска Каменица, каде 700 семејства живеат од рудникот. Првиот општински синдикалец Ване Насковски, вели дека ова е почеток на синдикалната борба, која вклучува поголема плата и подобри безбедносни услови за работа.

-Ние одиме и за понатамошно зголемување на платата во рудникот „Саса“и целиме секој рудар да има плата од 1000 евра. Сите знаеме дека рударството е тешка професија, веќе тешко да се најде рудар да се нафати. Газдите ако сакаат да имаат рудари, ќе мора и тие да размислуваат на зголемување на платата, е ставот на в.д. претседателот на  синдикатот МЕСО во Каменица.

Рударскиот труд го разви градот

Рудникот ја создаде и ја развиваше Македонска Каменица. Пензионерот Малиш Велиновски работел 28 години како рудар. Велиновски се потсетува на малата рударска населба, која почнала со една единствена продавничка, кој сега прераснал во убава, урбана средина. Ова во голем дел се должи на трудот од тешката професија – рударството. Се присетува и начинот на работа во рудикот некогаш.

-10 километри се влегува внатре во рудникот и тука не знаеш што те чека. Сега има технологија, добро е што веќе нема несреќи на работа, не само во рудник „Саса“ туку и во сите други фирми, да напредува Македонска Каменица. Го гледам градот денес, убаво уреден, ама без луѓе. Во 1979 година од овде до центарот, не можеше игла да се пушти од луѓе, раскажува пензионираниот рудар Велиновски.

Рудникот некогаш вработувал 1750 вработени, за да во моментов ангажира околу 700 вработени, главно мажи од Каменица и околината. За младите, тешката професија не е атрактивна и главно се одлучуваат да заминат во странство и засекогаш да го напуштат родниот град. Меѓутоа, според  Душко Тодоровски, кој годинава беше прогласен за најдобар рудар,  доаѓаат на обука и млади луѓе, за чие останување потребни  предуслови.

-Најпрво безбедонст на работа и здравјето. Безбедноста е на прво

 

место. Нема притисоци од директори, управници, секој треба да ги запази правилата на своето работно место, изјави Тодоровски, кој својот работен век го минува како машинист на тролеј на локомотива.

Жителите на Македонска Каменица ја знаат рударската мака

Во Македонска Каменица речиси и да нема семејство кое нема врска со рудникот. Или некој од родителите бил ангажижиран во рудникот, сегашен вработен, или како што е градоначалничката Соња Стаменкова, која израснала во рударско семејство. Според неа, рудникот , жителите и градот се во нераскинлива врска.

-Го гледате градчето, прекрасно е, за ова е заслужно рударството. Јас сум дете на рудар, ја знам рударската мака, го знам рударскиот живот и знам колку се горди рударите, како луѓе кои што имаат тешка професија, а стопанисуваат во општеството, изјави градоначалничката Стаменкова.

Добрата вест за бенифицираниот стаж уште пред еден месец од овој град  ја соопшти  министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. На одбележувањето на Денот на  рударите, за да се осигурат, каменичани ја прашуваа министерката  од кога измената ќе важи. Министерката им одговори дека очекува до крајот на годината да почене да се применува и објасни кои се придобивките.

-Второто право од законските измени, што најмногу ги радува рударите и конечно го оправдува напорот што тие со години го правеа за да си ја добијат правдата, а тоа е да одат во пензија со стажот – 35 години за жени и 40 години за мажи, кажа министерката Царовска.

Тоа значи дека ако рудар започне со работа со 23 години и  неприканот работи, во пензија ќе замине со 50 години старост.

Денот на рударите, кога се слави рударскиот труд  е во секавање на првиот штрајк на рударите во рудникот Лојане во кумановско во 1929 година. Тогаш слави и цела Македонска Каменица, која од мала рударска населба премина во град од 5000 жители.