Македонска Каменица и Берово очекуваат десетици илјади гости пред и на Голема Богородица
По неколку десетици илјади гости се очекува да се слеат во Берово и во Македонска Каменица, градови на крајниот македонски исток, пред и на празникот Голема Богородица. Во Берово масовното одбележување на овој празник има повеќевековна традиција, а во Македонска Каменица се слави паралелно и како Ден на рударите и Ден на општината.
Во рударска Каменица во чест на празникот се организира и веќе традиционалното „Каменичко културно лето“, кое годинава ќе го има своето десетто издание. Ќе има повеќе културни содржини, а во забавниот дел на градскиот плоштад ќе настапат и повеќе познати македонски и балкански пејачи, групи и ансамбли. На 26 август ќе се претстават неколку локални пејачи и групи и фолклористи од Белица, Република Бугарија, на 27 настап ќе има С.А.Р.С. од Србија, а на 28 август, на Голема Богородица, ќе пеат балканските ѕвезди Јелена Розга и Ален Исламовиќ.
На беровскиот „Етноплоштад фестивал“, од 25 до 28 август ќе настапат и Каролина Гочева, Мијата, Јоце Панов, „Штекици“, „Хотлаине“, КУД „Димитар Беровски“, оркестарот на народни инструменти на музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип, а ќе се одржи и фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче“. Паралено со фестивалот, традиционално се одржува и саемот на здрава храна, локални производи и ракотворби „Малешевијата на дланка“. На 28 август, пак, на Голема Богородица, според долгогодишмиот обичај, во црквата „Успение на пресвета Богородица“ ќе се соберат илјадници верници и граѓани од Малеш, но и од многу други места, за кои беровци во стотина големи котли подготвуваат манстирски ручек.
Во пресрет на празникот, во Берово почна да се гради и нов покриен градски пазар, на местото на стариот, за кој вкупната инвестиција изнесува окоу 12,5 милиони денари, средства обезбедени со грант од Светска банка и од општинскиот буџет.