Познати тамбурашки оркестри од регионот и земјава и годинава ќе бидат дел од Тамбурашкиот фестивал кој ќе се одржува од 23 до 25 август.

Фестивалот ќе се одржи на градскиот плоштад со почеток во 20:30 часот каде ќе бидат поставени и околу 700 столчиња за оние кои сакаат вистински да уживаат во звукот на тамбурата.

Првата фестивалска вечер започнува на 23 август и го носи името „Нино и пријателите“ а ќе биде посветена на 35-годишниот јубилеј од естрадната кариера на Нино Величковски. Заедно со него ќе настапат Виолета Томовска, Маргица Антевска, Октет Куманово, Наум Петревски, Сандра Милковска, како и тамбурашките оркестри „Велос“ од Нови Сад и „Пријатели“ од Скопје.

– 24ти август во исто време на исто место, на градскиот плоштад ќе понудиме програма каде гости ќе се „Кумановски тамбураши“ со солистите Сандра Милковска и Нино Величковски, Тамбурашкиот состав Рубато од Пожега, Република Хрватска, Градскиот тамбурашки оркестаар Пљевље од Црна Гора со солистите Нина Стругар, Дејан Шкулетиќ и Мугдин Нухановиќ, како и тамбурашкиот оркестар Велос од Нови Сад победници на Светсккиот тамбурашки фестивал, изјави Величковски.

Третата и последна фестивалска вечер ќе ја отворат Радовишки тамбураши, Ансамбл на Здравко Ќосиќ од Бања Лука, како и тамбурашките оркестри Ужице и Вараждински тамбурашки оркестар.

Како што посочи Величковски, доколку постои идеја од угостителите и граѓаните може да се организира и манифестација од типот на Пиво фест, но зависи од заинтересираноста на граѓаните.

Од буџетот на општината за организација на 14-то издание на фестивалот се оделени 800.000 денари, додека 150.000 денари изнесува финансиската помош од Министерството за култура.